Бизнисменот Орце Камчев немал висок притисок, а лековите од хроничната терапија му се даваат редовно, тврди директорот на затворот во Шуто Оризари, Филип Андов, откако адвокатите на Камчев денеска одново се пожалија дека тој утрово имал спојување на притисоците.
Андов вели дека Камчев бил прегледан од домскиот доктор и дека немал никакви здравствени нарушувања, а притисокот му бил со нормални параметри.
Поради ова, не му била дадена никаква дополнителна терапија.
– Најостро ги демантирам ваквите наводи – вели Андов на обвинувањата дека Камчев во притвор бил лекуван со сол и газирана вода, како што посочија адвокатите на бизнисменот.
Претходната среда Камчев, поради поплаки дека се задушува и дека има силни главоболки, беше однесен на прегледи на Клиниката за кардиологија. Тој беше вратен во затворот во Шуто Оризари без никаква дополнителна терапија и сега се жали и одбива повторно да биде пренесен таму, со образложение дека не добива соодветен третман.
На Камчев за предметот „Плацови на Водно“, во кој е обвинет, му е одреден притвор поради опасност од бегство по барање на обвинителката Лиле Стефанова.