Судењата за предметите „Транспортер“ и „Траекторија“ на СЈО денеска беа одложени на барање на државното јавно обвинителство и на Специјалното јавно обвинителство.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешен министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Во предметот „Транспортер“ обвинети се поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.
Во петокот беа одложени и судењата „Титаник“, „Титаник 3“ и „Тортура“, поради префрлање на предметите од СЈО во Републичкото јавно обвинителство. Тогаш обвинителката Лиле Стефанова од СЈО рече дека најверојатно ќе бидат одложени наредните неколку рочишта додека не се одлучи кои обвинители ќе ги водат предметите.