Во врска со денешниот случај во Гостивар кога во пожар што изби во стан загина седумгодишно дете, од министерството за труд и социјална политика информираат дека центарот за социјална работа од Гостивар обезбедил сместување и соодветна грижа за членовите од семејството кои живееле во опожарениот стан.
– Од страна на стручниот тим на Центарот за социјални работи Гостивар, а во соработка со Општина Гостивар обезбедено им е сместување и потребни услови за живот. Истовремено им е пружена психосоцијална помош и поддршка – информираат од центарот во Гостивар.
Додаваат дека досега кај нив не се пристигнати никакви пријави или информации за каков било тип на родителска негрижа, злоупотреба или несовесно однесување кон кое било од децата во семејството.
– Согласно евиденцијата на ЦСР Гостивар, ова семејство не било корисник на ниту едно право или, пак, услуга од социјалната и детската заштита. Стручните тимови на ЦСР Гостивар се во постојана комуникација со МВР и ОЈО и ги преземаат сите мерки што се во нивна законска надлежност – додаваат од центарот.
Министерството за труд и социјална политика побара од ЦСР Гостивар детално да го испита случајот во врска со семејството и состојбата на децата, по што ќе бидат преземени соодветни мерки во интерес на децата.