По денешното рочиште на предметот „Титаник 3“ на Специјалното јавно обвинителство, обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека секој предмет на којшто таа има работено е чист и дека не е вмешан во нешто криминално и сомнително.
На прашање од новинарите дали таа продолжува да работи под овластување на специјалната јавна обвинителка во заминување, Катица Јанева, Фетаи одговори дека таа се уште е главна обвинителка во СЈО.
Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури, заменик директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал, влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ. Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.
Предлозите за изземање на обвинителите Гаврил Бубевски и Фамите Фетаи до судот утрово ги поднесе адвокатот Еленко Миланов, по што беше дадена пауза,а Јанева со решение го одби барањето за нивно изземање. Следното рочиште на случајот „Титаник 3“ е закажано за 26 август.