На денешното рочиште за злоупотребите со специјалната каса во УБК воведни говори дадоа обвинетите и нивните адвокати. Рекоа дека ќе докажат во постапката дека не го сториле кривичното дело.
Предложени се пет сведоци и материјални докази од Обвинителството.
Обвинети во овој предмет се ексшефот на кабинетот на Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Стево Маџовски и Кристина Јосифовска. Обвинетиот Петре Пешовски призна вина и доби казна затвор од 3 години и да ја надомести штетата. Јакимовски е исто така обвинет во случаите „Трезор” и „Таргет Тврдина”.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за злоупотребени пари од над 820 илјади евра.
Во временскиот период од 2007 до 2017 година, во 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи подигнале парични средства за кои поднесувале барања и признаници за износите.
Без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата, без да биде формирана комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата. Со ваквите дејствија го оштетиле државниот буџет.
Следното рочиште е закажно за 15 ноември.