Во Кривичениот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Монструм“ односно петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.
На претходно рочиште на 6 мај се сослушуваа сведоци. Случајот го води судијата Огнен Ставрев и се наоѓа во доказна постапка. За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Ново рочиште ќе се одржи и за случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство. Се изведуваат докази и се презентираат вештачења. Во „Траекторија” се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.