Сите бевме искористени и изманипулирани од УБК и од дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не ја знаеше режијата, сите бевме статисти, истакна денеска пред судот Александар Василевски – Нинџа, обвинет за настаните во Собранието на 27 април минатата година.
Додаде дека вистинските водачи на иницијативата „За заедничка Македонија“ биле Спиро Ристовски и Кирил Божиновски и оти програмата за секоја нивна активност била пишувана во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оперативните податоци, како што рече Нинџа, кажуваат дека организаторите на „За заедничка Македонија“ биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ.
– Јас само ги видов во партијата со Кирил Божиновски, но не можев да ги видам нивните џебови. Тогаш не знаев, а сега гледам дека сите тука присутни се искористени и изманипулирани од УБК и дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, рече Нинџа.
Никој од нас, додаде, не сакаше да се случи она што се случи на 27 април.
Нинџа сведочеше дека тој не го видел Сашо Марковски како со хируршки ракавици ги вади хард дисковите, а оти по 27 април му било кажано дека Марковски влегол во Собрание за да го следи Горан Живаљевиќ.
Рече дека Марковски му бил обезбедување на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, кој пак бил дел од патриотското здружение „Тодор Александров“.
Во моментот во Кривичниот суд е дадена пауза до 15.15 часот.