Во кривичниот суд на 27 декември ќе биде објавена пресудата за случајот „Тарифа“ на специјалното јавно обвинителство. На денешното рочиште беа изведени завршните зборови на двајца бранители и обвинетите.
Обвинети во предметот „Тарифа“ се поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски. Предметот го суди судијката Софче Гаврилова-Ефремова.
Според СЈО, тие незаконски набавиле софтвер за потребите на компанијата во вредност од четири милиони евра. Обвинетите со неизвршување службена должност овозможиле правното лице „ЕРП систем“ да се квалификува во втората фаза на јавната набавка иако немало доставено комплетна документација.
Сите обвинети на почетокот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителот Трајче Пеливанов во воведните говори за предметот рече дека обвинетите ја злоупотребиле службената положба за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД „ЕЛЕМ“ со што ѝ причиниле имотна штета на компанијата од 456.560 евра.
Судењето почна на 19 декември 2017 година и траеше точно две години, а на обвинетите, доколку бидат осудени им се заканува казна затвор од најмалку пет години.