Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во периодот од 1.1.2019 до 31.12.2019 на подрачјето на СВР – Скопје се евидентирани 28 кривичноправни настани што се однесуваат на кривичното дело „кражба во цркви“, при што се поднесени десет кривични пријави против 11 сторители. Во периодот од 1.1.2020 до 31.10.2020 година исто така на подрачјето на СВР – Скопје се евидентирани 29 кривичноправни настани „кражба во цркви“, при што се поднесени осум кривични пријави против девет сторители, информираат од Министерството за внатрешни работи

ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ НА НИШАН НА КРАДЦИТЕ

Обидот за „брз и полесен начин“ на доаѓање до финансиски средства е најчестиот мотив за криминалците и криминалните групи да реализираат голем број кражби. Така, според криминолозите, кривичното дело кражба е „најлесниот начин со кој криминалците сметаат дека можат нелегално да си обезбедат сигурна финансиска иднина“. На овие дрски и нелегални дела не се имуни ниту верските објекти, кои, според криминолозите, „се доста лесна цел за криминалците ако се земе предвид дека овие објекти немаат обезбедување“ токму поради тоа што се смета дека никој нема да се осуди да краде од верски објект. За жал, криминалците не размислуваат така. За нив, најлесно е да влезат токму во црквите и во манастирите и да украдат за да ги наполнат своите џебови. Парите што ги оставаат верниците во верските објекти, односно на иконите, се првиот магнет што ги привлекува криминалците. На оние што се чувствуваат повешто за посериозни криминални дела на нишан им се и иконите, но и другите вредни црковни предмети, кои во многу голем број цркви датираат од минатите векови. Ваквите предмети на црните пазари достигнуваат стотици илјади евра. Им се продаваат на колекционери, на лица што собираат антиквитети, на луѓе што се подготвени да платат огромни суми пари за да ги имаат во своите колекции.
За граѓаните, кражбите од верските објекти се „најдолното и најлошото нешто“ што може да го направи човечката алчност.

– Во верски објект сите одиме за да се поврземе со бога, да се помолиме, да оставиме некој денар за здравје, но и за помош, доколку има оставено кутија за донации. На иконите на светците се молиме, едноставно тоа е дел од нашата религија и не можам никако да сфатам како може некој да влезе во црква со најмала умисла да украде, па макар тоа да биде и еден денар – вели Вера Димовска.
Кражбите од црквите се доста застапени и во билтените на Министерството за внатрешни работи.
Во декември минатата година, во општината Сопиште, во селото Говрлево, беше реализирана кражба на црквата „Свети Кузман и Дамјан“.
Полициски службеници од СВР – Скопје го лишиле од слобода Г.В. (38) од Крива Паланка, со живеалиште во Скопје, поради основано сомнение дека на 20.12.2020 извршил тешка кражба, односно со употреба на сила и погоден алат влегол во црквата „Св. Кузман и Дамјан“ во атарот на селото Говрлево, во општината Сопиште, и одзел пари. Тој бил приведен во полициска станица и во разговор со полициски службеници го признал делото. Истиот ден (21.12.2020), врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот каде што престојува, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривичното дело. Судија на претходна постапка во Кривичниот суд – Скопје му одредил мерка притвор, наведено е во еден од билтените на МВР.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во 2019 година се евидентирани 28 кривични дела поврзани со кражби во цркви.

– Во периодот од 1.1.2019 до 31.12.2019 на подрачјето на СВР – Скопје се евидентирани 28 кривичноправни настани што се однесуваат на кривичното дело „кражба во цркви“, при што се поднесени десет кривични пријави против 11 сторители. Во периодот од 1.1.2020 до 31.10.2020 година, исто така на подрачјето на СВР – Скопје, се евидентирани 29 кривичноправни настани „кражба во цркви“, при што се поднесени осум кривични пријави против девет сторители – информираат од МВР.
Презвитер Бобан Митевски од скопската епархија вели дека причините за кражби на црквите се различни.
– Најчесто крадците се од оние што сакаат да украдат материјално добро. Тоа се луѓе што се дадени на пороци и тоа е едноставно начинот да дојдат до најбрза заработка. Има и случаи кога не крадат пари, туку крадат вредни артефакти, кои потоа им ги продаваат на колекционери. Најчесто од црквите се крадат пари, независно за колкава сума станува збор – вели Митевски.

Тој вели дека нема статистика за тоа каде и во кои предели од земјава најчесто се краде, но, сепак, истакна дека се краде најчесто од оние цркви што се поизолирани, во места со помалку луѓе, каде што кражбата нема веднаш да биде забележана, иако има и доста голем број случаи кога се краде на фреквентни места.
– Главно тоа се цркви и манастири на оддалечени места, каде што нема фреквенција и нема да се слушне на пример скршеното стакло. Сепак, кражби не се случуваат само во ноќните часови, има кражби и во текот на денот, кога тие влегуваат како верници што се поклонуваат на иконите, а всушност крадат – вели тој.

[email protected]