Министерството за одбрана (МО) формира Комисија со цел покренување постапка против професионалниот војник М.Б., кој е препознаен на видео-снимка од вчерашниот инцидент на прославата на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево, пренесува МИА.
– Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник денеска е повикан на разговор и на распит во Воената полиција. Во текот на распитот војникот, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство, како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен со цел да зеде учество во прославата на Илинден – соопшти МО.
Министерството за одбрана, се вели во соопштението, го осудува учеството на професионалниот војник во инцидентот и укажуваме дека на припадниците на институција како што е АРМ не им е местото во групи кои користат насилство за остварување на политички цели и кои со напади врз високи странски официјални лица го нарушуваат угледот на АРМ и на Република Македонија.
Министерството за одбрана ќе ја информира јавноста за текот на постапката и за преземените мерки во врска со овој случај.