Дваесет и осумгодишен мотоциклист почина во сообраќајната несреќа што се случи на патот Кичево – Охрид, кај селото Другово.
Обвинителството јави дека во несреќата учествувале мотоциклистот и товарно возило.
-Товарното моторно возило со регистарски ознаки од Струмица удрило во моторциклот без регистарски ознаки, управуван од лице на возраст од 28 години. Од ударот мотоциклистот добил тешки телесни повреди и починал на пат кон медицинска установа во Скопје. Од страна на дежурниот јавен обвинител во содејство со екипа на Секторот за внатрешни работи Кичево извршен е увид на местото на настанот. Притоа се фиксирани пронајдените траги и предмети. Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за проверка на крвта кај возачот на товарното моторно возило и за обдукција на починатото лице. Извршена е и фотодокументација на местото на настанот- велат од Обвинителството.