Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека од страна на Интерпол е добиена информација дека на профили на социјалната мрежа Тикток во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување на малолетни лица.

МВР апелира до граѓаните, особено родителите, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи.

– Според досегашните сознанија, вакви повици нема од профили на наша територија, ниту од околните држави, но апелираме на будност и надзор со цел да се избегнат било какви несакани случувања – се наведува во соопштението.

И српското Министерството за внатрешни работи упати сличен апел до граѓаните, а тамошните медиуми пренесоа дека станува збор за содржини на Тикток кои најавуваат масовно самоубиство на деца.


Предупредувања и во Србија

Министерството за внатрешни работи на Србија проверува потенцијално опасна содржина за деца и млади на одредени социјални мрежи и апелира до родителите да ги следат активностите на нивните деца на тие мрежи, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Министерството за внатрешни работи наведува дека било информирано за информациите кои кружат на една социјална мрежа, а кои се однесуваат на групно самоубиство на млади луѓе и дека тие ја проверуваат валидноста на тие предупредувања на територијата на Србија.

Претходно Министерството за внатрешни работи на Република Српска ги предупреди родителите да обрнат внимание на содржината што нивните деца ја следат на социјалните мрежи, откако полицијата доби известување од Интерпол дека на Тикток се споделува содржина со потенцијално опасни последици за младите.

Предупредувањето се однесува пред се на локалната група Тикток“ во Русија, но Министерството за внатрешни работи на РС соопшти дека е потребна максимална претпазливост за да се спречат какви било негативни последици.