Истрагата на МВР за инцидентот, во кој автомобил целосно изгоре во Ново Лисиче, покажала дека се работи за несреќен случај, односно дека никој не го запалил намерно. Од снимки од безбедносна камера во околината на паркингот, се гледало дека најпрво почнала да гори внатрешноста на возилото, а откако сопственикот се обидел да го изгасне пожарот и ја отворил вратата, пожарот се проширил и на околните возила. По насоки на Јавен обвинител настанот е расчистен и квалификуван како „пожар“.
– Од преземените мерки и активности со цел откривање на причините за пожарот, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, преку извршени разговори и преглед на записи од безбедносна камера, констатирано е дека околу 9.20 часот, внатрешноста на возилото „сеат алтеа“ се самозапалува, при што огнот почнува да се шири, а по кусо време, сопственикот на возилото се обидува да го изгасне, но при отворање на една од вратите, пламенот многу брзо се шири и ја зафаќа внатрешноста на возилото и другите две возила – велат од МВР.
Инаку, пожарот се случи пред четири дена, во близина на последната автобуска станица на 5-ка, на булеварот АСНОМ.
По настанот, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение прашуваше дали Вице Заев, брат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е нарачател на палењето на возилото во Скопје. Вице Заев ги демантираше обвинувањата и ја повика ВМРО-ДПМНЕ ако има докази да ги даде на институциите, по што наведе дека ќе бара судска разрешница за обвинувањата.
Обвинувањата дека палењето на автомобилот има политичка позадина ги демантираше и сопственикот на возилото, кој јавно на социјалните мрежи посочи дека се работело за несреќен случај и побара од политичките партии во такви случаеви да помогнат, а не да ги користат туѓите несреќи за политички препукувања.