Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги, денеска поднесе кривична пријава против Т.Х. (43) од Скопје, поради сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и В.Т.(55) од Скопје, поради сомнение дека сторила кривично дело поттикнување.
Како што информираат од МВР, првопријавениот Т.Х. во својство на матичар во Управата за водење на матичните книги во Скопје, во текот на август минатата година, поттикнат од второпријавената В.Т. ја злоупотребил својата службена положба и постапил спротивно на процедурата за пријавување на починато лице и издавање извод од матична книга на умрени и спротивно на член 21 од Законот за матична евиденција.
Тој од второпријавената не ја обезбедил потребната документација за впишување на смрт и издавање на Изводи од матична книга на умрени, односно со непотполна документација ја впишал смртта на М.С. (брат на второпријавената) и на Љ.С. (мајка на второпријавената) иако истата е жива, а потоа издал и Изводи од матична книга на умрени, кои на незаконит начин В.Т. ги искористила за поведување на оставинска постапка прикажувајќи се како единствен наследник, со цел стекнување значителна имотна корист за себе во вредност од 27.323.299 денари (444.281 евра), на штета на О.Б.С. (сопруга на М.С.) и нивните три деца.