Фото: Нова Македонија / Архива

Од Техничкиот факултет во Битола, каде по наредба на судот за супервештачење беше испратен предметот поврзан со автобуската несреќа во село Ласкарци, на 17.12.2021 година добиено е известување дека Факултетот не прифаќа да го изврши супервештачењето неопходно за затварање на доказната постапка по предметот и донесување првостепена пресуда, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

– Имено по претходно изведени спротиставени вештачења на одбраната и обвинителството, а пред се за да се запази еднаквоста на оружјето кое во евентауално жалбена постапка може да биде клучно при одлучувањето на второстепениот суд, издадена е наредба за супервештачење. Но, од надлежниот Технички факултет во Битола предметот е вратен со образоложение дека лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и неможат да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење. По добивање на известувањето, судот контактираше со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје од каде исто така е известено дека истите немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои претходно не учествуале во изведените вештачења – велат од Кривичен.

Овие наводи, како што додаваат од таму, на денешната главна расправа, биле соопштени пред странките во постапката кои воедно биле известени дека предметот е веќе испратен во Бирото за судски вештачења кои имаат можност да формираат тим од лиценцирани вешти лица и да го изготват супервештачењето.

– Потребно е да се напомене дека предметот во почетната фаза се водеше со забрзан интензитет со оглед да стануваше збор за притворски предмет. Но, со оглед на пандемијата од ковид-19, Протоколот за работа на судовите во услови на пандемија како и фактот дека Апелациониот суд Скопје ја укина мерката притвор и ја замени со поблаги мерки за обезбедување присуство, дел од насрочените расправи во текот на минатата година беа одлагани единствено заради изолација на судечкиот совет и странките во постапката, иако судот инсистираше на забрзано темпо – стои во писменото соопштение.

Надлежните додаваат дека во тектот на оваа година предметот се води според предвидениот интензитет со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица.

– Преостанува само да се изведе и супервештачењето со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда. Заради тоа насрочени се термини на 25 – ти јануари како и на 3,10,15,24 и 28 февруари 2022 година – информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Во автобуската несреќа која се случи на 13 февруари 2019 година во атарот на селото Ласкарци, Скопско, загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени.