Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска со соопштение реагира на, како што се наведува, зачестените обвинувања од бранителите на обвинетите во предметот поврзан со настаните од 27-ми април во Собранието на Република Македонија дека судот не им овозможува услови квалитетно да ја подготват одбраната поради долготрајноста на судењето.
– Правото на судење во разумен рок е едно од фундаменталните правила и принципи утврдени со Европската конвенција за човекови права. Впрочем поголем дел од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои Република Македонија ги загубила, се однесуваат на судење во неразумен рок, односно непотребно одолговлекување на постапките и пасивност на правосудните органи со што директно се нарушуваат основните права и слободи на странките во постапките, се вели во соопштението.
„Маратонското судење“ како што во последно време се квалификува овој процес, како што се наведува, е исклучива креација на дел од одбраната во овој предмет, за разлика од судот чија интенција е навремено и квалитетно водење на судската постапка со целосно почитување на правата на странките и донесување мериторна одлука за утврдување на фактичката состојба за конкретниот настан, што е од интерес и на целокупната јавност.
– Опструкциите кои доаѓаат од дел од адвокатите во овој предмет може да ја „извртат“ реалната слика за судењето. Имено стручната јавност и претставниците на медиумите кои го следат судењето се сведоци дека процесот долго трае бидејќи поголем дел од поставените прашања од некои бранители или нивните штитеници не се вкрстени, се претходно одбиени или се повторуваат, односно не се во согласност со одредбите од ЗКП. Се поднесуваат барања за изземање на претседателот на судечкиот совет за кои и на самите адвокати им е јасно дека се неиздржани, но заради доследно почитување на Законот, се прават дополнителни паузи на судењата за да се одлучи по истите барања, стои во соопштението.
Судот, како што се наведува, вложува напори се со цел почитување на правата на обвинетите кои се во притвор, па за време на судењето се прават дополнителни паузи за ручек. Доколку некој од странките има здравствени проблеми судот е должен да повика медицинска помош, што впрочем и беше случај на две главни расправи при што првата беше одложена, а на обвинетиот му беше овозможен целосен преглед на Клиниката за кардиологија.
– Со оглед дека поголем дел од бранителите во овој предмет имаат обврски и во други предмети, судот за конкретното судење насрочи рочишта за во наредните четири месеци, се со цел да им овозможи на бранителите на време да го усогласат својот распоред за работа или доколку е потребно да назначат нивна замена со цел на своите клинети да им обезбедат квалитетна одбрана, се посочува во соопштението.
Од Судот потсетуваат дека адвокатите кои најчесто имаат замерки за водењето на овој предмет мора да имаат предвид дека освен нивните штитеници, со конкретниот предмет опфатени се и обвинети кои издржуваат мерка притвор и додаваат оти во нивен интерес е постапката да се води ефективно и на времено.
Судот ја информира јавноста дека повреда на членот 6 од ЕКЗП е возможно само доколку странките во постапката немаат ист третман.
– Ова е од голема важност бидејќи тенденциозните критиките кон судот неаргументирано доаѓаат само од едната странка во постапката. Имено од известувањата на медиумите, кои го следат секој момент од судењето, евидентно е дека на ниедна од странките досега не и е ускратено ниту еден од Законски утврдените права, а сето тоа во правец за доследно почитување на принципот на еднаквост на оружјата, утврдување на материјалната вистина, транспарентно водење на постапката и почитување на човековите права, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.