Фото: Игор Бансколиев

Семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ излегоа на протест во Скопје, откако Обвинителството побара највисоки казни за нивните најблиски на судењето за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Учесниците на протестот носат албански знамиња и транспаренти со пораки на поддршка за обвинетите.

„Kога неправдата станува закон, отпорот станува должност“, „Монтира Фата, а дебела плата“, гласат дел од пораките истакнати на протестот. Учесниците побараа и оставка од Фатиме Фетаи и странски мониторинг на судскиот процес.

Се забележува и дека дел од собраните граѓани носат заштитни маски, но тоа не е случај со сите кои излегоа за да го изразат своето незадоволство.

Протестот почна од парк Чаир со движење по улицата „Цветан Димов“, а продолжи по булеварот „Крсте Мисирков“, десно по булеварот „Гоце Делчев“. Друга група учесници кои се собраа пред „Скендер бег“ ќе се упатат по улицата „Филип Втори Македонски“ до ОЈО. Предвидено е протестот што го обезбедуваат голем број на припадници на полицијата да трае три часа.