Купувањето на Интернет или онлајн-шопингот денес станува секојдневие на сите луѓе во светот. Развојот на технологијата, компјутерите и неопходноста за користење и поседување паметен телефон создаваат услови во кои луѓето низ светот честопати може да се најдат во ситуација во која ќе бидат измамени или на некој начин излажани на Интернет. Во нашата земја, интернет-банкарството и користењето на картичките за нарачки и купувања преку компјутер или паметен телефон не е новост, но голем дел корисници не знаат и не се свесни за начините и можностите со кои може да се компромитираат податоците на сметките. Финансиската безбедност, безбедноста на Интернет и заштитата на личните податоци се од огромно значење за граѓаните и корисниците мора да бидат запознаени со сите услови, можности и закани со онлајн-купувањето.

Во денешно време дури 80 отсто од измамите со кредитни картички се случуваат онлајн. Социјалните мрежи се користат за продажба и за промоција на продукти, но и за рекламирање и маркетинг. Кога корисниците прават нарачки, измамниците ги пресретнуваат, најчесто поскапите нарачки, и ги собираат податоците од картичките. Потоа, информациите што се „украдени“ нудат на црните пазари како што е „дарк-веб“, а се добиени преку „пфишинг“ или преку користење малвер-софтвери. Исто така, кога корисниците купуваат на одредени веб-страници, тие не се свесни дека нивните податоци се зачувуваат и собираат во една голема дата-база, па и понатаму купуваат на несигурни интернет-страници. На крајот, банките и корисниците се оние што се најсилно погодени и оштетени од ситуацијата, за суми што на годишно ниво достигнуваат и милијарди долари.

Како и за сите други типови криминал, така и кај овој важи старата народна поговорка подобро да се спречи, отколку да се лекува. Затоа оперативните активности што се засноваат на превенција ја зголемуваат свеста на граѓаните за овој тип проблеми.
Постојат голем број правила и чекори за безбедност што луѓето треба да ги почитуваат за да не се најдат во ситуација да бидат жртви на измама со картички. Првенствено, корисниците мора да бидат сигурни дека користат сигурен метод на онлајн-плаќање и дека интернет-конекцијата на која се приклучени е безбедна. Тоа значи дека користењето на картичката на Интернет мора да се користи со исто внимание како онаа кога се купува во продавница или бутик. Понатаму, постојат неколку едноставни знаци што можат да му помогнат на корисникот да препознае дека на страницата на која купува може да биде измамен, па затоа е препорачливо жртвите на измами на Интернет веднаш да пријават во полиција или да ја известат банката за проблемот. Финално, неопходно е корисниците доколку често купуваат на Интернет, редовно да ги проверуваат своите сметки во банките и на интернет-апликациите.

Меѓу главните совети што ги дава Европската полиција (Европол) за зголемување на безбедноста при купување продукти на Интернет е заштита на пинот на картичката, па, така, корисниците во ниту еден случај не треба да го испраќаат својот ПИН-код или кои било други информации од картичката преку е-пошта. Постои можност мејлот да биде компромитиран преку различни видови криминални софтвери што препознаваат податоци од картички, кои потоа се користат за различни видови криминални дејства. Исто така, важно е корисниците своите информации од кредитните картички да не ги внесуваат на некои интернет-страници доколку не купуваат ништо, како што се страници за игри, лажни лотарии или можности за попусти, бидејќи главната и единствена цел на овие веб-страници е да собираат податоци од кредитни картички, кои потоа може да се злоупотребат. Голем број веб-сајтови бараат детали за плаќање, па затоа од исклучителна важност е корисниците да знаат да препознаат кои страници се безбедни, а кои не. Големите и познати брендови и интернет-страници за продажба најчесто имаат квалитетни безбедносни системи и мрежи за добра заштита на податоците, па останува на самите купувачи да можат да проценат кои веб-страници се безбедни, а на кои би можеле нивните податоци да бидат злоупотребени. Во таа насока, важен за купувањето на Интернет е и безбедносниот протокол наречен „3Д секјур“ – кој е верификуван од страна на најпознатите банки и сервиси за плаќање во светот. Важно е и страниците да бидат верификувани, а доколку нема можност за целосна верификација, корисниците мора да се осигурат дека нивниот трансфер на пари е целосно заштитен, односно дека веб-страницата започнува со соодветна УРЛ-адреса. Тука се вклучуваат и очигледните совети, како што се да не се запишува или објавува својот пин или податоци од картичката ниту во паметниот телефон, ниту некаде на Интернет, да не се плаќа однапред (пред да пристигне продуктот) и да не им се праќаат пари на лица што нудат некакви лажни услуги.

Доказ за тоа дека безбедноста на Интернет, заштитата на податоците и добрата информираност се клучни е и акцијата на Европската полиција што се случи на почетокот на јуни, кога беа уапсени 95 професионални измамници и членови на интернет-криминална мрежа од многу различни земји од Европа. Според Европол, главната идеја зад акцијата била да се насочи вниманието кон онлајн-измамите преку координирани акции на надлежните институции во рамките на Европската Унија, поддржана со кампања за издигање на свеста за важноста на безбедноста на Интернет. Овој чекор на Европол исто така го означува и почетокот на неколку акции, кои се очекува да резултираат со уште повеќе апсења во следните неколку месеци.
Кога станува збор за осомничените, се знае дека тие биле одговорни за повеќе од 20.000 криминални трансакции со компромитирани кредитни картички, со проценета вредност над 8 милиони евра. Акцијата беше координирана од Европскиот центар за сајбер-криминал на Европол, со седиште во Хаг. Акцијата доби директна помош од сите инволвирани во криминалните активности, па така компаниите, банките и оштетените на сите можни начини учествуваа во процесот за полесно и побрзо пронаоѓање на криминалците. Европол исто така ги поддржа и националните полициски структури на земјите во кои се случувале криминалните активности со обезбедување аналитички сервиси во нивните истраги.

Целта на овие акции против измамите со кредитни картички е обезбедување поголема онлајн-безбедност на купувачите во светот. Доказите за криминалните дејства Европската полиција ги обезбедила во соработка со 200 приватни партнери, кои им се вклучија на безбедносните служби за време на акцијата.
По неколкумесечни подготовки, за повеќе од 11 дена полицијата спроведувала акции со претреси во домови на осомничени, испрашувала вмешани и сомнителни лица, конфискувала добра што се набавени со пари од криминални активности и уапсила повеќе луѓе. Докази за криминални дејства се собрани за повеќе осомничени лица, а главна назнака за Европол биле трансакциите направени на територијата на Европската Унија од кредитни картички издадени на различни континенти. Поконкретно, акцијата вклучила повеќе од 200 претреси на домови, следење и препознавање на околу 20 илјади криминални трансакции и конфискации на податоци од картички, компјутери и на дрога и пари во кеш.

Истражните мерки што се донесени и на кои се работело се многу комплексни поради виртуелната и интернационалната димензија на овој вид криминал. По акциите се дознава дека криминалот го вршеле не само индивидуални измамници туку организирани криминални групи. Доказите индицираат на тоа дека овие групи работеле на високопрофесионално ниво и биле вклучени и во други видови криминални активности, како што се „пфишинг“, напади со „малвер“ и креирање веб-страници и профили на социјални мрежи за измама. Ц.Х.


И децата мора да бидат безбедни на Интернет

Неодамнешниот извештај на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникации покажа дека само 10,1 отсто од домаќинствата во Македонија со малолетни лица имаат инсталирано софтвер за родителска контрола. Дури половина од испитаниците во домаќинствата во кои има малолетни деца што пристапуваат на Интернет не се свесни дека воопшто постои таков вид софтвер, 44 отсто од испитаниците што немаат таков софтвер се заинтересирани да го набават, но поголемиот дел, 87,5, отсто не знаат каде и како да го набават софтверот.

Постојат многу случаи во светот кога малолетни лица или деца од предучилишна возраст без знаење на родителите направиле голем број трансакции и без намера создале сериозни финансиски проблеми за семејството. Во Македонија, според информациите од АЕК, процентот на малолетните деца што имаат пристап до Интернет бележи мал пораст во однос на минатата година. Во 83 отсто од случаите, децата на Интернет пристапуваат секојдневно и на него најчесто 37,5 отсто поминуваат до два часа и 43,1 отсто од два до пет часа (кумулативно 80,6 отсто). Во Македонија интернет-пристап до домот имаат 84,5 отсто, а корисници на Интернет се 76,8 отсто од населението.