На првиот ден од полицискиот час, Државниот пазарен инспекторат изврши 724 контроли при што е затворен еден угостителски објект, информираат од оваа институција.
Во повеќе градови, како што додаваат од таму, вчера биле извршени вкупно 41 надзор и 683 контроли во угостителски објекти.
При тоа, во Тетово на лице место бил затворен еден угостителски објект, поради прекршување на протоколот, односно организирање на роденденска забава.
Обjектот ќе остане затворен 30 дена и ќе биде поведена прекршочна постапка согласно Законот за заштита на наслението од заразни болести.
Поединечно по градови, најмногу контроли и надзори биле извршени во Скопје, вкупно 126.
Контроли биле извршени и во Битола, Гостивар, Тетово, Охрид, Струмица и во останатите градови во државата.
Со стапувањето на сила на новата одлука за забрана за движење населението и возила од јавен превоз од 22.00 часот до 05.00 часот наредниот ден, заменикот на претседател на владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, Љупчо Николовски, како координатор на инспекциски служби, ги задолжи инспекторатите за засилени контроли и надзори на терен, во периодот што следи, информираат од кабинетот на Николовски.