Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека ќе се појави како сведок во случајот „Монструм“ доколку тоа од него го побара судот. Сите материјали кои ги имал за овој случај, како што рече, ги предал на судот.
– Ако побара судот да бидам сведок и да кажам се што знам, тоа ќе го направам бидејќи тоа ми е граѓанска должност. Сите материјали, не само оние за „Монструм“ коишто сум ги поседувал, се е предадено – истакна Заев, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата за планираните инвестиции во комуналната инфраструктура.
Тој додаде дека сега остануваат постапките на судските органи кои треба да донесат одлуки.
Во врска со тврдењата за разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, премиерот рече дека во „бомбите“ имало разговор меѓу нив во кој Азири барал субвенции за земјоделство. Тој разговор, како што посочи, им го покажал и на родителите на убиените момчиња кај Смилковското Езеро.