Иако добил порака, поранешниот премиер Зоран Заев, во април лани, не се сретнал со Бојан Јовановски, првообвинет во случајот „Рекет“. Комуникацијата беше покажана денес во судот во рамки на доказната постапка во случајот „Рекет“.
– Пушта порака човекот, но немаше средба. За мене веќе информациите дошле и тоа е индиција за сериозен криминал. Како ретко кој случај во Европа јас го пријавив случајот, како вршител на една од најмоќните функции во државата сум создал простор кај институциите Обвинителството, независно да работат. Некои викаат Господ те штител, не, или си таков или не си таков – рече Заев.
Од говорницата во СДСМ Заев порача дека Бојан Јовановски, познат на јавноста како Боки 13, треба да одговара.
– Можеш да бидеш газда на провладин медиум, можеш да ме величаш колку сакаш, си се огрешил пред закон, има да одговараш – рече Заев.
Со пријавата на случајот Заев вели дека дал можност да фунцкионира правната држава, за разлика од Никола Груевски.
– Кога зборувавме за милијарди, слушнавте некој случај тогаш Никола Груевски да пријави? Има разлика. Премиер ако сака може да забошоти или да покаже како треба да функционира државата. Прашањето е кога ќе се случат вакви случаеви како постапува државата? Тоа е разликата дали сме европска земја или припаѓаме на минатото – рече Заев.