Адвокатот на обвинетиот Бојан Јовановски, Сашко Дуковски, на наменска прес-конференција за јавноста, рече дека е загрижен поради здравствената состојба на неговиот клиент, бидејќи 15 дена по препорака на специјалистите, е со нефункционален бубрег и има темна мокрача и столица.
-Јовановски мокри крв и има крвава столица и не може самостојно да се движи – рече адвокатот Дуковски.
Адвокатот појасни дека сето ова се должи на хируршката интервенција на Јовановски пред да биде уапсен, кога поради проблеми со тежината, го стеснил желудникот и му бил подврзан со тенкото црево.
Од 15 јули кога бил уапсен и притворен, Боки 13 бил 30 пати однесен во болница поради компликации со здравствената состојба. Вина, како што рече, немаат судот и затворот, туку затворскиот лекар кој не ги почитувал напатствијата на клиниката и болницата.
-Не бараме милост. Тој е граѓанин и како и сите други, заслужува нега. Не е ова инквизиција. Не е ова 15 век, туку ова е модерна кривична постапка – кажа адвокатот пред новинарите.
Дуковски кажа дека Јовановски бил омаловажуван поради неговата сексуална ориентација и тоа од медицинари.
-Јовановски можел да ги чуе медицинарите како велат „што ако умре, нека умре педерот. Каде е ЛГБТ заедницата? Каде се невладините организации?” – наведува адвокатот.
Адвокатот на Боки 13, рече дека не може да ја гради одбраната за неговиот клиент затоа што постојано разговараат за неговата здравствена состојба и размислувал да му го откаже полномоштвото.
За Боки 13 немало место за хоспитализација на Клиниката за торакална хирургија.
Дуковски рече дека Боки 13 повраќал и колабирал пред обвинителката Вилма Русковска, но и покрај тоа, таа дала негативно мислење за поблага мерка за неговиот клиент.
Првото судење за Јовановски е закажано за 3 декември. Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го извади од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев, во предметот „Империја“.