Фото: Игор Бансколиев

На децата на возраст од десет години им се дозволува да управуваат со велосипед во зони каде што има возила!? А од друга страна, истите тие деца ако се пешаци, за нив се води сметка затоа што се смета дека тие не се обучени, не се доволно зрели ниту едуцирани да можат да се справат со предизвиците во сообраќајот…
Има ли законодавецот двојни критериуми што се однесува до оваа најмлада категорија учесници во сообраќајот, кои се појавуваат во повеќе улоги во сообраќајот: како пешаци, како велосипедисти, како сопатници на мопеди или во патнички моторни возила…

Законодавецот со различни критериуми за децата учесници во сообраќајот

Возењето велосипед е здраво, но може да биде и опасно ако не се почитуваат правилата. Но има еден феномен за кој подолго време јавноста обрнува внимание. Имено, и дете на возраст од десет години има право да управува со велосипед, и тоа во зони каде што има возила, а тука спаѓаат и улиците и патиштата, па дури и сервисните улици и паркинзите. Така вели Законот за безбедност на сообраќајот. Во тој контекст, се поставува прашањето дали и колку се децата подготвени да се вклучат во сообраќај, ги демне ли опасност затоа што се необучени и не знаат сообраќајни правила. Треба ли да имаат соодветна обука пред да го земат велосипедот и да излезат на улица? Треба ли да ги знаат сообраќајните прописи и правила за безбедно да возат велосипед?!

Детето е дете и на велосипед и како пешак во сообраќајот

Прашањето сериозно се наметнува и од аспект на тоа што и самиот закон, како што велат некои сообраќајни експерти, е контроверзен сам по себе, бидејќи децатa, според законот, се премногу заштитени како пешаци, се сметаат за неедуцирани да се справат со предизвиците во сообраќајот, а од друга страна истите тие деца како велосипедисти се пуштаат во сообраќај.
Парадоксот е уште поголем кога станува збор дете, а дете според ЗБСП (Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата во Р.Македонија) е секој што не наполнил 18 години. Во законот, во членот 19 став 1, има многу олеснителни околности за децата – пред сѐ, возачот што наидува на делница каде што има деца или знак дека има деца, треба да ја приспособи брзината. Значи, тие се законски заштитени како пешаци, а како велосипедист на јавен пат дете може да управува велосипед ако наполнило десет години. Замислете, тоа дете управува одредено превозно средство и му се дозволува да го прави тоа, а од друга страна, ако е пешак, тоа исто дете е заштитено во голема мера. Сите возачи треба да внимаваат, затоа што се смета дека децата не се едуцирани да можат да се справат со предизвиците во сообраќајот. И сега, видете каков проблем, од една страна го имате ова како законско решение, а од друга велосипедист може да учествува, значи нема некоја заштитна одредница. И тоа е факт и тоа не од сега, од некои законски измени, туку отсекогаш откога постои ЗБСП. За жал, во делот на формалното образование, знаењата што ги добиваат децата се минимални, оскудни, и мислам дека задача за сите нас е да најдеме начин како да се заштити оваа категорија на учесници во сообраќајот – вели д-р Зоран Јошевски, вонреден професор на Техничкиот факултет во Битола.
Тој додава дека ЗБСП дозволува дете што наполнило 10 години да може да се вклучи во сообраќај на јавен пат со велосипед. Полагање тест за познавање на правилата и прописите од велосипедистите не се бара, ниту пак се прави некоја контрола колку од овие деца на 10-годишна возраст ги познаваат правилата за безбедно учество во сообраќајот.
Според мене, размислувањата коишто се насочени за унапредување на безбедноста на оваа категорија учесници во сообраќајот треба да бидат во неколку насоки. Пред сѐ, зајакнување на сообраќајното образование во делот на формалниот систем на образование, преку интензивирање на наставните содржини од областа на сообраќајот, во рамките на предметот Техничко образование, потоа зголемување на бројот на часови посветени на содржини од сообраќајот, како и контрола на знаењето од областа на сообраќајот преку континуирани тестови. Исто така, потребно е зајакнување на неформалното образование со содржини од областа на сообраќајот, преку засилен ангажман на ОСБСП (општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата) во спроведувањето едукација на учениците од прво до деветто одделение, засилен ангажман на РСБСП (Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата) во подготвувањето материјали за едукација на учениците. Потребни се контрола на знаењето и доделување сертификати за познавање на правилата за безбедно учество во сообраќајот од страна на велосипедистите – објасни професор д-р Јошевски.
Според него, за унапредување на безбедноста на децата велосипедисти, како една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, потребна е промена на одредени законски решенија. Тука може да се размислува и за подигнување на возрасната граница за самостојно учество на децата велосипедисти во сообраќајот (на пример минимум 12), понатаму можност за вклучување во сообраќај и на деца од 10 години, но со присуство на возрасно лице и слично. Потребен е и засилен ангажман на локалната власт во делот на овозможување претпоставки за безбеден велосипедски сообраќај. Пред сѐ изградба на велосипедски патеки и велосипедски ленти што би овозможиле безбедни маршрути за возење на велосипедистите.

РСБСП со низа едукативни активности за децата
велосипедисти

Покрај пропишаната возраст, нашиот закон не предвидува други услови за учество на децата во сообраќајот. Во некои земји, на пример во Словенија, децата за да учествуваат со велосипед во сообраќај мора да поседуваат посебна дозвола, посебен документ, кој се издава од училиштето, со што се потврдува дека детето поседува теоретски и практични знаења за учество во сообраќај со велосипед. Кај нас, законот не предвидува таква одредба.
За да може едно дете да учествува во сообраќај со велосипед, треба да ги познава основните правила и прописи во сообраќајот и треба да поседува соодветни вештини за безбедно управување велосипед. Основните знаења за сообраќајните правила и прописи се учат во училиштата, во градинките и преку едукативните проекти што ги реализира РСБСП, а вештините за управување велосипед се учат најчесто во кругот на семејството. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата континуирано реализира активности за едукација на децата од градинките и основните училишта за основните правила и прописи во сообраќајот и за препознавање на ризикот и опасностите во сообраќајот. Во согласност со тоа, реализираме голем број едукативни предавања за децата, натпревари, манифестации, претстави, изработуваме и дистрибуираме едукативни материјали, а оваа година е изработен видеоматеријал на тема „Безбедно возење велосипед“, кој е јавно достапен и се емитува преку медиумите. Во основа, тоа се законските надлежности на РСБСП и ние дејствуваме во тие рамки – вели Ристо Манчев од РСБСП.

Децата велосипедисти се ранлива група учесници во сообраќајот, но статистиката покажува дека многу повеќе децата страдаат во сообраќајот како патници и пешаци. Според статистичките податоци, во 2020 година, 45 деца велосипедисти на возраст до 14 години биле повредени во сообраќајни незгоди.
Засега, во наши услови, родителот е тој што треба да процени дали и кога детето е подготвено самостојно да учествува во сообраќај со велосипед. Препорака на РСБСП е пред да започне детето да учествува самостојно во сообраќај со велосипед, и покрај тоа што веќе има полни 10 години, најпрвин да учествува во сообраќај со велосипед заедно со родителот, кој, пак, на тој начин ќе има увид какви се способностите и знаењата на детето, односно каква е неговата подготвеност самостојно да учествува во сообраќај со велосипед.