Три граѓански здруженија бараат темелна и брза истрага за институционалните пропусти околу недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
– И покрај епилогот на овој случај, кој значеше обезбедено присуство пред судските органи на обвинетиот и сега веќе притворениот Мијалков, сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата – се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Тие сметаат дека бегството се случило токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможиле бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица од високо-профилираните кривични постапки.
– Истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот – велат здруженијата.
Токму затоа, додаваат тие, инсистираме на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност.
Здруженијата, соодветно на резултатите од истрагата, бараат да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, со што помогнале во бегството на Мијалков.
– Сите контрадикторни тврдења, изјави во медиумите, целокупното однесување и постапување на ОЈОГОКК , фрлаат дамка на непристрасноста и стручноста во постапувањето на ОЈОГОКК, поради што бараме Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија да спроведе постапка за да се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето. Сметаме дека само со сериозен пристап за утврдување на вистината и одговорноста во самите институции, може да се изгради функционален систем, кој обезбедува правда и во кој сите се еднакви пред законот – велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата Отворено општество – Македонија.