На денешното рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци имаше вкрстено испрашување на вештакот Драган Аксентиев.
– Возачот презел дејство, но немал никаква можност да ја спречи несреќата – рече вештакот Аксантиев.
Обвинителот Дарко Јакимовски често имаше приговори дека непотребно се троши времето за рочиштето со долги цитати од вештачењето при поставувањето прашања.
– На минатата главна расправа дадов детално појаснување на што мислиме во поглед на отсуство на внимание на возачот, но кажав и што како вешти лица сме елиминирале од тој субјективен фактор. Елиминиравме употреба на мобилен телефон од страна на возачот и елиминиравме спиење од страна на возачот, особено во развојот на незгодата во тие четири секунди. Појаснив дека она што може да му го одзеде вниманието на возачот е некое негово краткотрајно дејство како свртување на главата и горниот дел од телото кон лево кога рацете го следат тоа движење и воланот се свртува, потоа краткотрајно завртување кон лево и надолу, потоа некое дејство со левата страна, да земе некое шише или нешто и слични некои краткотрајни дејствија кои можат во дел од секунда да му го одземат вниманието на возачот, спомнав и здравствена состојба без понатаму да навлегувам во здравствената состојба, бидејќи таква анализа е во областа на медицинско вешто лице – рече Аксентиев.
За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројца вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.