Апелацискиот суд во Скопје ја преиначи пресудата за сообраќајната несреќа кај „Млечниот ресторан“ во Скопје што се случи во октомври 2018 и во која загина едно лице и наместо условна казна одлучи виновникот да добие две години затвор и две години забрана за управување возило.
Информацијата на „Твитер“ ја објави сопругата на загинатиот.
– Бескрајна благодарност до сите, правда за Гоце, правда за мене, правда за нас. Апелациониот суд Скопје ја преиначи казната за сообраќајната незгода кај Млечен и одлучил Васил да оди 2 години во затвор и 2 години да не управува пмв, затоа што ми го одзеде најмилото – напиша Наташа Димитриевска.
Јавното обвинителство пред пет месеци вложи жалба до Апелациониот суд. Кривичниот суд на 4 септември лани изрече условна казна од две години за обвинетиот, што предизвика лавина од реакции во јавноста.
Во соопштението од Јавното обвинителство прават краток осврт и потсетување на настанот во кој почина возач на мотоцикл, а тешко беше повредена и неговата сопруга, сопатничка на мотоциклот, која го загуби нероденото бебе.