Судечкиот совет во случајот „ТНТ“ го одложи судењето за утре, иако на обвинетите чии адвокати не дојдоа, им определи адвокати по службена должност.
Адвокатката Иванка Јакимовска, која беше поставена да го брани обвинетиот Тони Трајковски, побара судењето да се одложи бидејќи смета дека некоректно е да брани клиент, а да не го знае предметот.
Судот го прифати барањето и утре одбрана треба да даде обвинетиот Миле Јанакиески.
Утрово судот казни тројца адвокати со глоби од над 2.000 евра зашто неоправдано не се појавија на судењето за случајот.
Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.