Фото: Маја Јаневска-Илиева

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) попладнево со свеченост во Клубот на пратениците го одбележа 1 септември – Денот на Агенцијата. „Безбедна држава, безбедни граѓани“ е мисијата на Агенцијата, а директорот Бојан Христовски ветува дека од оваа цел нема да се откажат.

Во изјава за медиумите, Христовски рече дека во изминатата една година откако е директор на оваа институција работеле на повеќе сегменти почнувајќи од градењето на ИТ инфраструктурата, кадровското доекипирање до разбивањето на планови за терористички активности со уништување на терористичка група во земјава.

– Морам да истакнам дека наши партнери, покрај медиумите, се и граѓаните и сите заедно би требало да бидат чинители во колективната безбедност. Безбедна држава, безбедни граѓани е нашата мисија и кон тоа целиме и нема да се откажеме додека не го постигнеме тоа – рече Христовски.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на одбележувањето на Денот на АНБ, оцени дека Агенцијата е успешно консолидирана во изминатата една година затоа што, како што посочи, затекнатата состојба била загрижувачка. Во следниот период очекува уште подобри резултати кои ќе бидат во насока на поголема безбедност и за државата и за граѓаните.

– Затекнатата состојба беше, не би рекол алармантна, туку дека немаше состојба. Не почнувавме од нула, имавме уништени темели, почнувавме од длабок минус, но за многу кратко време состојбата се консолидира. Очекувам резултати и поголема безбедност и за Македонија и за граѓаните. Во изминатиот период направени се голем број на успешни акции, дел од нив самостојно, дел со нашите стратешки партнери. Можам да изразам благодарност до директорот за сето она што го правеше изминатата година дена, успешно ја консолидираше Агенцијата, работиме на идни планови како безбедносниот систем на државата да го реформираме, реструктуираме, репозиционираме. Тоа е динамичен процес бидејќи самата материја е динамична и мора да се адаптирате континуирано – рече Мицкоски.

Агенцијата за национална безбедност е самостоен орган на државна управа, основан со цел заштита на националната безбедност на државата, односно заштита на независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните права и слободи на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот на Македонија, како и други работи од интерес на националната безбедност на државата.

Христовски беше назначан за директор на АНБ во октомври минатата година. Тој е третиот директор во Агенцијата за национална безбедност.