Од 5 до 11 јули евидентирани се 48 нови случаи на голема кашлица што е зголемување од 54,8 отсто во споредба со претходниот седмодневен период. Од новите случаи, осум се хоспитализирани. Заклучно со 11 јули, во државава се регистрирани вкупно 905 случаи на голема кашлица – се наведува во најновиот извештај што денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од новите случаи се пријавени во Скопје – 30, осум случаи во Куманово, три во Тетово, по два случаи во Кратово, Гостивар и Битола и еден случај од Прилеп.
Возраста на заболените се движи од еден месец до 70 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години.
– Во однос на вакциналниот статус на заболените, 33 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, деветмина се комплетно вакцинирани и шестмина се вакцинирани согласно возраст – појаснуваат од ИЈЗ.
Дистрибуцијата по пол покажува дека 417 лица се од машки, а 488 од женски пол.

Во тек се три епидемии пријавени во ниво на територија на Скопје, Куманово и Тетово.
Од 18 јануари до 11 јули, дадени се вкупно 58.964 дози вакцина со компонента против голема кашлица.