Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа најави дека 2026 година ќе биде клучна за почнување на изградбата на регионалните депонии во Новаци и Русино, проекти што треба трајно да го решат проблемот со дивите депонии и управувањето со отпадот.
– Работиме на подготовка на документација, која очекуваме многу бргу да биде готова и да биде објавен повикот за да се избере економски оператор, кој ќе ја почне изградбата на регионалните депонии во Новаци и во Русино – изјави министерот Хоџа. Тој заедно со заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи-Шаќири, денеска беше на увид на изведбата на проектите во општината, кои се изведуваат со поддршка на двете ресорни министерства.
Оваа е клучна година за изградбата на регионалните депонии, кои ќе го решат прашањето со дивите депонии и со селекцијата на отпадот.
– Очекуваме 2026 година да биде клучна година кога зборуваме за регионалните депонии. Првата фаза, распределба на опрема за комуналните претпријатија, е во тек, се подготвува документацијата и многу бргу треба да биде објавен јавниот повик за економски оператор, што ќе значи почеток на изградбата на регионалните центри, за југозападниот дел во Новаци, за источниот во Русино – рече Хоџа.
На прашањето што со палењето на депониите, министерот Хоџа рече дека сега тие се грижа на општините, кои треба да соработуваат со институциите.
– Тука сме во тесна соработка со сите институции, вклучувајќи ги и нашето Министерство и општините. Дивите депонии се под ингеренции на општинските власти. Но ние паралелно работиме за подготовка на документацијата, објава на јавниот повик и изградба на регионалните центри за собирање на отпадот, бидејќи со изградбата на регионалните центри за отпад, ќе ставиме крај на дивите депони. Со проектот ќе се знае собирањето и префрлањето на отпадот во еден регионален центар – рече министерот Хоџа.
Според него, во инвестирањето во животната средина и комуналната инфраструктура не се заборавени ниту помалите општини. Има рамномерен развој. Во Долнени веќе се реализира проектот за реконструкција и регулација на речното корито во Дебреште. Ова е инвестиција од околу 11,8 милиони денари, преку „Унгарски кредит 2“. Министерството учествува со речиси половина од средствата, 5.792.804 денари.
Паралелно, започната е и реализацијата на доводниот цевковод за водоснабдување од регионалниот систем „Студенчица“ кон повеќе населени места: Црнилиште, Слепче, Браилово и Десово. Договорот е потпишан, работите се одвиваат на терен. Со овој проект се обезбедува сигурно и квалитетно водоснабдување за граѓаните. Општина Долнени веќе доби дел од опремата, 2.000 канти и 50 контејнери. До октомври 2026 година ќе следува и испорака на специјализирани возила.
Министерството за транспорт и врски учествува во изградрадбата на патната инфраструктура.
– За Долнени, од Министерството за транспорт и врски се доделени вкупно 15 проекти во вкупна вредност од 2,1 милиона евра. Неколку проекти од првиот повик веќе се завршени, а денес сум во Долнени на увид на три проекти, за Дебреште, Црнилиште и за Десово, и станува збор за реконструкција на локални патишта и секој од трите зафати е во вредност од 300.000 евра – изјави заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири.
Извор: МИА


































