Фото: Пиксабеј

Хипертензијата ретко кога покажува симптоми и обично се идентификува преку скрининг. Некои луѓе имаат главоболки како и зашеметеност, вртоглавица, зуење во уши, пореметен вид или несвестица

Автор: Д-р Алсада Вејсели Абази

Се проценува дека во 2015 година 1,3 милијарди од населението боледувало од хипертензија, а до 2025 година една третина од населението ќе има висок крвен притосок. Од една страна поради стареење на населението, а од друга поради значаен пораст на бројот на лица кои се соочуваат со дебелина, во светски размери.
Артериска хипертензија или висок крвен притисок е хронична медицинска состојба во која крвниот притисок во артериите е покачен. Крвниот притисок има две вредности, систолен и дијастолен. Нормалниот крвен притисок во мирување е од 100 до 140 милиметри живин столб кај систолниот и 60-90 милиметри живин столб кај дијастолниот. Се смета дека притисокот е висок доколку тој е повеке од 140/90 милиметри живин столб во мирување, два пати измерен во амбуланта или над 135/85 измерен во домашни услови.

Како правилно се мери притисокот

За правилно мерење на притисок се смета она после 5 минити одмор, со потпрен грб на столче на раката која е поставена во висина на срцето. Првото мерење треба да е на двете раце. Доколку измерениот притисок има различна вредност на двете раце се препорачува наредните мерења да бидат на раката на која е измерен повисок притисок.

Примарна и секундарна хипертензија

Хипертензијата е класифицирана како примарна (есенцијална) и секундарна хипертензија. Околу 90-95 проценти од случаите се категоризирани како примарна хипертензија, што значи притисок без очигледна медицинска причина.
Секундарна хипертензија е онаа предизвикана од други пореметувања како: тумор на надбубрежна жлезда, Кушингов синдром, бубрежни пореметувања, гломерулонефрит, тромбоза на бубрежни вени, користење некои лекови, дроги и други пореметувања.
Во зависност од измерени вредности во амбуланта притисокот се дели на оптимален – понизок од 120/80, нормален – 120-129/80-85, висок нормален 130-139/85-89. За прв степен на хипертензија се смета притисок 140-159/90-99, за втор степен од160-179/100-109, за трет степен повисок или еднаков на 180/110 и изолирана систолна хипертензија поголема или еднаква на140 милиметри живин столб систолен и помал од 90 милиметри живин столб дијастолен.

Симптоми

Хипертензијата ретко кога покажува симптоми и обично се идентификува преку скрининг. Некои луѓе имаат главоболки како и зашеметеност, вртоглавица, зуење во уши, пореметен вид или несвестица.
Дијагноза се поставува со мерење на притисокот. Потоа се зема анамнеза со детален разговор за постоење фамилијарни болести, гојазност, дијабет, начин на живот на пациентот и постоење на штетни навики, како и седечки начин на живот.
Се прави физикален наод – трагање за шумови во врат и абдомен за стеноза на каротидни и бубрежни артерии, аускултација на срце за квалитет на тоновите за постоење на шумови. Се утврдува дали има отоци, постоење на невролошки испади.
Прегледот подразбира и лабораториски анализи со комплет крвна слика, електролити, масти , уринарен статус…
Со ЕКГ преглед решаваме дали има индикација за ехокардиографија. Доплер на крвни садови се прави за проценка на атеросклероза. Се прегледува и очно дно, а се прави и ехо на абдомен.
Врз основа на сите анализи поставуваме дијагноза и индивидуално решаваме за терапевтски пристап.
Основно за сите пациенти е модификација на животен стил и елеминирање на ризик факторите, а после тоа и медикаментозен третман.

Компликации од хипертензија

Хипертензијата е најважниот фактор на ризик за предвремена смрт што може да се спречи. Таа го зголемува ризикот од исхемична срцева болест, мозочни удари, периферна васкуларна болест и други кардиоваскуларни болести во кои спаѓаат срцева слабост, аортна аневризма, дифузна атеросклероза и белодробна емболија. Хипертензијата е фактор и за појава на намалена когнитивна фунција, деменција и бубрежна слабост.
Затоа многу е важно да се работи на примарна превенција на хипертензијата со одржување на нормална телесна тежина со БМИ 20-25кг/м2, намалување на внес на сол во исхрана, воведување на редовна аеробна физичка активност како што е брзо пешачење – најмалку 30 минути на ден, примена на диета богата со овошје и зеленчук, ограничен внес на алкохол на најмногу 3 единици на ден за мажи и две единици на ден за жени.
Ефикасна промена на животниот стил може да го намали крвниот притисок колку и некој лек за притисок. Со комбинација на повеќе промени на животниот стил може да се постигнат уште подобри резултати.