На страниците на „Нова Македонија“ објавуваме ексклузивна летна рубрика посветена на здравјето и безбедноста во најжешкиот период од годината. Преку совети од лекари и стручни лица, читателите ќе добијат практични информации за заштита од високи температури, правилна хидратација, избор на здрава и безбедна исхрана, безбедност при патувања и престој на плажи, како и за превенција од сезонски ризици и инфекции
Здраво и безбедно на високите температури: Летен серијал во „Нова Македонија“
Летото иако претставува омилен период од годината за многумина, поврзан со одмор и релаксација, сепак е асоцирано и со зголемени здравствени ризици, особено за лицата со хронични заболувања. Топлотниот бран со екстремно високи температури, кој ни го отежнува секојдневието, ја зголемува оптовареноста на кардиоваскуларниот систем. Поради тоа, особено значајно е лицата со висок крвен притисок и срцеви заболувања да следат одредени препораки, кои ќе им помогнат да се заштитат во летните денови.
Пред сѐ, дехидратацијата може да доведе до флуктуации во вредностите на крвниот притисок, поради што се препорачува зголемено внесување течности, како и одбегнување ексцесивно внесување алкохол, кафе и засладени пијалаци, кои го зголемуваат ризикот од дехидратација. Во однос на диететскиот режим, за пациентите со хипертензија особено е важно да ја избегнуваат солената храна, која го зголемува крвниот притисок, како и замастените и висококалорични хранливи продукти.
Брзиот премин од ладна и климатизирана просторија во надворешната топла средина може да ги оптовари компензаторните механизми на телото и да го зголеми кардиоваскуларниот стрес. Тешката физичка работа на отворено и излегувањето во најтоплите часови од денот (од 11 до 17 часот) треба да се избегнуваат. Доколку сепак излегувањето во овие часови е неодложно, одредени заштитни мерки, како носење полесна облека, капа, апликација на заштитни кремови на кожата, се препорачливи за пациентите.
Редовното земање на антихипертензивната терапија и мерењето на вредностите на крвниот притисок се важни за пациентите за да ги препознаат значителните промени во однос на вредностите на крвниот притисок и навремено да побараат лекарска помош. Доколку кај пациентите се јават симптоми како градна болка, палпитации, главоболка, вртоглавица, повраќање, отоци, задолжително да се јават на преглед за да им биде дадена потребната медицинска помош.
Д-р Андреј Начески, доктор по општа медицина во ПЗУ „Прима-мед“ при „Ре-медика“

Совети што треба да се следат при топлотен бран
Со доаѓањето на топлотен бран доаѓаат и лекарските предупредувања до граѓаните, особено за ранливите категории: повозрасните и граѓаните со хронични болести. Консултираните лекари издвојуваат за граѓаните неколку превентивни заштитни мерки во пресрет на топлотниот бран, како и заради амортизирање на здравствените импликации што влијаат на здравствената состојба кај граѓаните. Имено, наброените заштитни мерки особено ќе им користат на ранливите групи граѓани, особено на постарите лица што страдаат од кардиоваскуларни, респираторни, ендокрини, психогеријатриски и други хронични заболувања…
1. Повозрасните граѓани не треба да бидат изложени на сонце меѓу 10 часот наутро и 17 часот навечер.
2. При напуштање на својот дом, би било добро повозрасните лица да ја заштитат главата со шапка, шал или капа и да носи полесна облека со посветли (бели) тонови и обувки.
3. Потребно е дневно да се консумираат до два литри течности или осум чаши негазирана вода, или во форма на супи, чорби или чаеви, и да се избегнува пржена, панирана, слатка и многу солена храна, како и зачинети јадења. Да се консумира многу сезонско овошје и зеленчук и да се почитуваат упатствата за правилна исхрана за повозрасни лица.
4. Покрај следењето на упатствата на матичниот лекар, во врска со третманот и лековите, потребно е почесто следење на крвниот притисок (во домашни услови).
5. Појавата на главоболки, гадење, вртоглавица и дехидратација, сува уста и кожа се предупредувачки знаци, особено за постари лица што се болни и функционално онеспособени, а постариот пациент мора итно да се јави кај својот матичен лекар или во најблиската служба за итни случаи.
6. Членовите на семејството, пријателите, соседите, познаниците и специјализираните граѓански организации што се грижат за старите лица треба почесто да контактираат со повозрасните лица во текот на жешките летни месеци, а во случаи на намалени функционални способности, за членовите на семејството, препорака е контактите да бидат дури и неколкупати на ден.
7. Неопходно е возрасните лица да ги имаат при рака основните информации: име и презиме, година на раѓање, адреса на живеење и телефонски број на лицето за контакт, со кое може да контактираат доколку е потребно.
8. Потребно е редовно да се одржува чистотата на телото.
9. За повозрасните лица, постојаната физичка и ментална активност е исклучително важна. Особено е корисна лесната физичка активност наутро и навечер, по можност во природа (паркови, шеталишта покрај реките, езерата, реки, во градина итн.).
10. Неопходно е редовно проветрување на просториите во кои живее повозрасното лице.
11. Разликата меѓу собната температура постигната со употреба на уреди за ладење и надворешната температура не треба да биде поголема од седум степени, бидејќи постариот организам не може да се приспособи на ненадејна промена на температурата за кратко време. Уредите за ладење треба редовно да се одржуваат за да се избегне контаминација на воздухот со микроорганизми (бактерии, мувла) и други загадувачи, кои предизвикуваат иритација на мукозните мембрани со можни алергиски реакции и инфекции на респираторниот тракт.
12. Предупредување од највисок степен: никако не смее да се оставаат во автомобил повозрасни лица да чекаат, ниту деца, ниту, пак, домашни миленичиња (ниту на сенка, ниту, пак, на сонце), ниту за најкусо време! Р.Н.