Државата да инвестира во здравствена превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен живот, апелираат од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување заедно со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни по повод 7 Април – Светскиот ден на здравјето.
Овие невладини организации бараат од институциите да обезбедат достапна гинеколошка и педијатриска заштита на целата територија, да ја зајакнат патронажната служба и тимовите за предучилишна и училишна здравствена заштита, да ги вратат и унапредат здравствената едукација, поддршката за доење и кампањите за вакцинација. Бараат да се зголеми буџетот за превентивни програми, особено за мајки, деца и скрининг програми за ХИВ превенција и сексуално и репродуктивно здравје и надлежните да осигураат здравствените политики да се креираат врз основа на медицина базирана на докази и обезбедат широк консултациски процес којшто ќе ги вклучи стручната јавност, граѓанските организации и засегнатите заедници за да се одговори на потребите на граѓаните.
Поради системските недостатоци, како што наведуваат, голем дел од жените, девојките и ранливите заедници остануваат без навремена и соодветна здравствена заштита.
– Нашата земја не смее да дозволи генерации да растат без основна здравствена заштита. Инвестирањето во превенција – во гинеколошки и педијатриски прегледи, превенција и скрининзи, едукација и вакцинација е најисплатливиот и најчовечкиот чекор што може да го преземе еден здравствен систем. Според Светската здравствена организација, секој долар вложен во превенција штеди до четири долари за лекување.1 Тоа не само што спасува животи, туку гради поотпорно и поефикасно општество. Македонија мора конечно да ја препознае превенцијата како приоритет, а не како трошок. Светскиот ден на здравјето е потсетник, но акцијата мора да трае цела година – со посветеност, буџет и политичка волја – се вели во соопштението од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Посочуваат дека буџетот за ХИВ превенција е намален за околу 70 отсто од 2021 до 2025 година или од 49 милиони на 12 милиони денари иако, како што наведуваат, земјата заостанува зад преземените глобални цели за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година.
– Од 2019 година па наваму, државата издвојува во просек само 10 отсто од буџетот на Министерството за здравство за превентивни програми. Во 2023 година 13 отсто од жените на возраст 21–59 години биле опфатени со скрининг за рак на грлото на матката. Иако оваа бројка претставува зголемување во споредба со претходните години сепак е далеку од постигнување на потребниот опфат од 70 отсто за тригодишен период. Минимални 3,5 отсто од жените на возраст 40–69 години биле опфатени со скрининг на рак на дојката во 2023 година. Во земјата има само околу 160 матични гинеколози, при тоа во 40 општини нема ниту еден гинеколог и поради тоа голем број на девојки и жени, особено оние кои живеат во рурални средини намаат пристап до основна гинеколошка заштита – се вели во соопштението.
Спред ХЕРА, стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13,4 на 1.000 девојки на возраст од 15-19 години, а нашата земја има една од најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, што изнесува само 14 отсто.
– Само 110 педијатри работат на примарно ниво, а стапката на вакцинација продолжува да опаѓа. Притоа, опфатот со ХПВ вакцината, која е исклучително важна за здравјето на девојките и жените, изнесува само 56 отсто. Дури 46 отсто од бремените жени во рурални средини не направиле преглед во првото тромесечје од бременоста. 53 отсто од жените Ромки имале помалку од осум прегледи за време на бременоста, иако според националните протоколи секоја жена за време на бременоста треба да има најмалку осум здравствени прегледи – стои во соопштението.
Од ХЕРА наведуваат дека дополнително Министерството за здравство ги укина едукативните активности за промоција на вакцинацијата и поддршка на патронажната служба во рамки на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Според ХЕРА, ова се чекори што директно го загрозуваат здравјето на мајките и децата.
Овие податоци се добиени од заедничката анализа Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи, која вклучува наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено-превентивни програми на Министерство за здравство, изработена од четирите здруженија, во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“ кој е финансиски поддржан од Швајцарската влада, преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.