Хелсиншкиот комитет за човекови права очекува Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации.
– Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања. Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности – наведуваат од Хелсиншки комитет.
Оттаму потсетуваат дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа.
– Собранието има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции. Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции – се наведува во соопштението.
Граѓаните, како што велат од Хелсиншкиот комитет, очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.
-Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво – се додава во соопштението од Хелсиншкиот комитет.