Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска учествуваше на Самитот за Западен Балкан против расна дискриминација, организиран во Приштина под покровителство на премиерот на Република Косово, Албин Курти.
Груби, како што се наведува во соопштението од неговиот Кабинет, во својот говор ја истакнал хронологијата на развојот на антидискриминациските настани во Македонија, споредувајќи ги состојбите почнувајќи од 2001 година па сè до достигнувањата во последните години.
– До 2001 година, етничката дискриминација беше главен збор на политичката елита на мнозинската заедница и метод за добивање гласови преку влевање страв од другиот. Сè се смени со постигнувањето на Охридскиот мировен договор и уставните измени. Денес, во Северна Македонија се трудиме да поставиме стандарди за почитување на сите заедници, со цел истите да имаат можност да го изразат и негуваат својот идентитет, како што се јазикот, образованието, идентитетот и културата, а истовремено имаме механизам кој им овозможува и еднаков пристап до институциите, имено, како што ние го нарекуваме, правична и соодветна застапеност, како и спречување на мајоризација преку двојното мнозинство во Собранието и општинските совети – истакнал тој во своето обраќање.
Базирајќи се на конкретни статистички податоци, Груби говорел и за правичната институционална застапеност на Албанците, образованието на мајчин јазик, отворањето на универзитети на албански јазик, како и унапредувањето на социјалниот дијалог, случаи кои ги претстави како успеси кои можат да им послужат и на институциите на Република Косово.