Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска имаше средба со бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, на која е разговарано за досегашниот тек на преговорите со Бугарија, потребата од нивно динамично продолжување со уште поконструктивен пристап со цел деблокирање на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, како и за билатералните проекти кои ќе ги продлабочат добрососедските односи.
Како што информираат од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Груби на бугарскиот европратеник му ја истакна решителноста и непоколебливоста на земјата на патот на евроинтеграциите и го информираше за унапредувањето на работниот процес за реализација на Коридорот 8, најголемиот инфраструктурен проект што поефикасно ќе ги поврзе двете земји.
Европратеникот Ќучук му ја пренесе на Груби неговата посветеност за континуираното лобирање за геополитичката важност на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Двајцата соговорници на крајот на средбата изразија оптимизам за европската перспектива на Македонија и за прогресивниот развој на двете земји.