Првиот министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска го свика вториот состанок на комитетот за изградба на коридорите 8 и 10 Д. На состанокот е одлучено да ѝ се предложи на Владата формирање на екипите за експропријација, преговори и за спроведување на најголемиот инфраструктурен проект во земјава, што ќе го реализира конзорциумот „Бехтел Енка“.
Коридорот 8 предвидува изградба на автопатот според современи стандарди на патната инфраструктура во три правци: Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Ќафасан – Струга-Требениште. Коридорот 10 Д предвидува изградба на автопатот Битола – Прилеп.
Како што соопштија од кабинетот на првиот вицепремиер, со изградбата и на автопатот Скопје-Блаце, што беше одобрено од страна на Собранието и одборот на директори на ЕБОР, значително ќе им се олесни движењето на граѓаните од граничниот премин Блаце со Косово до граничниот премин Ќафасан со Албанија.
– Реализацијата на овие големи проекти на патната инфраструктура значително ќе влијае на зајакнувањето на трговските односи меѓу балканските земји, побрзо и поквалитетно движење на граѓаните – појаснуваат во соопштението.
Законот за изградба на Коридорот 8 беше одобрен на 15 јули минатата година во Собранието на предлог на пратениците на парламентарното мнозинство и беше потврден од страна на Уставниот суд на 9 декември.