Фото: „Нова Македонија“

Со мобилизирањето ресурси за заштита на културното наследство се зајакнува и односот кон културниот суверенитет

  • Културното наследство не е само темелна национална вредност – тоа е живо сведоштво за постоењето на еден народ, за неговата духовност и неговата креативна сила. Тоа е мост кон светот, кој ја отвора Македонија кон меѓународната културна сцена, и мост кон иднината, кој им овозможува на новите генерации да ја градат својата самосвест врз темелите на историјата. Да се зачува културното наследство значи да се зачува идентитетот. А да се зачува идентитетот значи да се обезбеди иднина
  • Во таа мисија на чување и оживување на културното наследство, Националниот конзерваторски центар во Скопје има посебна улога – тој е матичната институција што ја носи одговорноста да го заштити, да го презентира и да им го пренесе на идните генерации. Но патот на оваа институција не е лесен. Таа се соочува со сериозни предизвици, кои ја отежнуваат нејзината работа и ја ставаат во постојана борба меѓу идеалот и реалноста. Недостигот од стручни кадри, прекинатата врска меѓу образовните институции и практичната конзерваторска работа, отсуството на специјализирани фирми и мајстори за традиционални техники, како и ограничените финансиски и организациски ресурси, создаваат амбиент во кој секој проект бара натчовечки напор

Македонија, иако мала по својата територија во географски размери, е земја преплетена со слоеви културно наследство што сведочат за вековната духовна и материјална историја на народот. Секој камен, секоја фреска, секој храм и археолошки локалитет се живо сведоштво за патот на една цивилизација, која, и покрај сите историски превирања, успеала да остави трајни белези на своето постоење. Тоа наследство не е само спомен од минатото туку и огледало на идентитетот, достоинството и колективната меморија на македонското општество.
Во таа мисија на чување и оживување на културното наследство, Националниот конзерваторски центар во Скопје има посебна улога – тој е матичната институција што ја носи одговорноста да го заштити, да го презентира и да им го пренесе на идните генерации. Но патот на оваа институција не е лесен, таа се соочува со сериозни предизвици, кои ја отежнуваат нејзината работа и ја ставаат во постојана борба меѓу идеалот и реалноста. Недостигот од стручни кадри, прекинатата врска меѓу образовните институции и практичната конзерваторска работа, отсуството на специјализирани фирми и мајстори за традиционални техники, како и ограничените финансиски и организациски ресурси, создаваат амбиент во кој секој проект бара натчовечки напор.
Сепак, токму во тие предизвици се открива и величината на задачата: зачувувањето на културното наследство не е само техничка операција туку и морална обврска, чин на љубов кон сопствената историја и иднина. Националниот конзерваторскиот центар во Скопје, и покрај сите пречки, останува бастион на оваа борба – симбол на упорноста и вербата дека културното наследство е најсилниот темел врз кој се гради идентитетот на една нација.

Дали како општество сме подготвени да вложиме во луѓето што ја чуваат нашата културна меморија?

Најголемиот проблем што постојано се истакнува и кој како сенка надвиснува над секој обид за систематска заштита на културното наследство е недостигот од стручни кадри. Овој недостиг не е површен или привремен, туку хроничен и длабоко вкоренет во институционалната реалност. Од најосновен административен персонал, кој треба да обезбеди функционална поддршка на секојдневните активности, па до високообразовани конзерватори и советници, институцијата се соочува со празнина што постојано се продлабочува.
Потребата од континуитет во преносот на знаење – тој невидлив мост меѓу генерациите – е сериозно загрозена. Искусните советници конзерватори, кои со децении ги граделе своето знаење и вештина преку работа на оригинални дела, постепено заминуваат од активна служба. Но нивното наследство, нивната мајсторија и нивната способност да препознаат суптилни детали во процесот на конзервација нема кому да му ги пренесат. Нови кадри се примаат ретко, а и кога се примаат, често недостига систем за нивна практична обука и менторство. Така се создава празнина што не може лесно да се пополни – празнина што ја загрозува иднината на целата институција.
Човечкиот ресурс, кој е најскап и најважен капитал во секоја културна установа, за жал, често се третира со потценување и недоволна грижа. Наместо да се вложува во негово создавање, развивање и задржување, тој се гледа како трошок што може да се минимизира. Но конзерваторот не е заменлив дел од административна машина – тој е чувар на меморијата, толкувач на историјата и практичар на една исклучително деликатна уметност. Без него, секој објект, секоја фреска, секој археолошки локалитет останува изложен на заборав и пропаѓање.
– Недостигот од кадар, затоа, не е само организациски проблем туку и цивилизациски предизвик. Тој ја отвора дилемата дали како општество сме подготвени да вложиме во луѓето што ја чуваат нашата културна меморија, или ќе дозволиме таа меморија да се распаѓа во тишина, без наследници што ќе ја пренесат понатаму – велат добро упатени лица во оваа проблематика.


Без системска грижа и вложување во специјализирани мајстори и фирми, секој објект е изложен на ризик

Во сферата на архитектурата и традиционалните техники, проблемот станува уште понагласен и драматичен. Македонија, иако богата со културно наследство што бара внимателна и прецизна грижа, речиси нема градежни фирми со лиценци и вистинска специјализација за конзервација и реставрација. Она што е предвидено со закон – постоење на фирми што би поседувале посебни лиценци, стручен кадар и технички услови за работа со културни добра – останува само на хартија, без реална примена во пракса.
Наместо тоа, често се ангажираат фирми со искуство во инфраструктурни проекти: патишта, тунели, хидроцентрали. Тие можат да бидат извонредни во својата област, но нивната работа нема допирни точки со чувствителниот свет на културното наследство. Архитектонските и конзерваторските интервенции бараат сосема поинаков пристап – прецизност, познавање на традиционалните материјали, разбирање на историскиот контекст и почит кон автентичноста на објектот. Кога овие фирми се вклучуваат во процесот без соодветна подготовка, резултатот често не е добро изведен, па дури е и штетен.
Таквите интервенции понекогаш повеќе уништуваат отколку што заштитуваат. Наместо да се зачува духот на објектот, се нанесуваат неповратни оштетувања: несоодветни материјали, груби техники, недоволно внимание кон деталите. Секој погрешен потег во конзервацијата не е само техничка грешка – тоа е губење дел од колективната меморија, дел од идентитетот што не може повторно да се создаде.
Недостигот од специјализирани мајстори е уште една болна точка. Традиционалните техники – изработка на варов малтер, реставрација на дрво, конзервација на камен или фрески – бараат мајстори што имаат не само техничко знаење туку и чувство за автентичност. Во минатото таквите мајстори се создавале преку долгогодишна практика и учење, но денес такви школи и системи за пренос на занаетот речиси не постојат. Така, културното наследство останува без своите најважни чувари – луѓето што знаат да го допрат со раце и да му го вратат животот со почит и љубов.
– Овој проблем не е само институционален туку и цивилизациски. Тој го отвора прашањето како една држава што се гордее со своето културно наследство може да дозволи да нема сопствена оператива за негова заштита. Како може да се препушти на фирми без искуство, без традиција и без вистинска врска со културното добро? Одговорот е јасен – без системска грижа и вложување во специјализирани мајстори и фирми, секој објект е изложен на ризик, а секоја интервенција станува лотарија меѓу зачувување и уништување – велат нашите соговорници. Д.Ст.


За прекинатата врска меѓу образовните институции и практичната
конзерваторска работа

  • Оваа празнина, односно прекината врска, не е само институционален недостаток туку и цивилизациска загуба

Еден од најкритичните проблеми што ја ослабува борбата за зачувување на македонското културно наследство е прекинатата врска меѓу образовните институции и практичната конзерваторска работа. Она што некогаш претставувало живо јадро на знаење и мајсторија – школите и практичните програми каде што студентите од Ликовната академија и сродните факултети учеле директно на оригинални дела – денес е само спомен, избледен во меморијата на постарите генерации.
Во тие години, младите студенти имаа можност да се запознаат со суштината на конзерваторската професија: да работат на икони, фрески, мозаици, да ја почувствуваат текстурата на материјалот, да ја разберат кревкоста на бојата и да ја осознаат одговорноста што ја носи секој потег на четката или секое чистење на каменот. Тоа беше вистинска школа на животот, каде што талентот се проверуваше во практика, а љубопитноста се претвораше во вештина.
Денес, за жал, таков национален центар за едукација на конзерватори не постои. Образовниот систем не продуцира кадри со практично знаење, туку најчесто нуди теоретски основи без допир со реалноста на културното наследство. Младите што сакаат да се занимаваат со оваа благородна професија се принудени да бараат знаење надвор од границите на државата – во Бугарија, Србија, па дури и подалеку, каде што постојат специјализирани институции и академии.
Оваа празнина не е само институционален недостаток туку и цивилизациска загуба. Без национален центар, Македонија ризикува да ја изгуби својата самостојност во заштитата на културното наследство. Наместо да создава сопствени генерации конзерватори што ќе ја продолжат традицијата, таа станува зависна од надворешни решенија и туѓи институции. Така се губи континуитетот, а со него и можноста да се изгради сопствена школа, сопствена методологија и сопствена визија за заштита на културното богатство.
– Недостигот од образовен центар, всушност, е недостиг од иднина. Тој ја отвора болната дилема: дали ќе дозволиме младите таленти да заминуваат и да се изгубат во странство или ќе изградиме институција што ќе им овозможи да останат тука, да учат, да создаваат и да ја чуваат меморијата на својот народ – нагласуваат нашите соговорници.


Заштитата на културното наследство не може да се темели само на ентузијазам

И покрај ентузијазмот, професионалната посветеност и љубовта кон културното наследство, реалноста со која се соочуваат тимовите на Националниот конзерваторскиот центар е сурова и често обесхрабрувачка. Со мал број луѓе – едвај доволни за основно функционирање – тие се принудени да покриваат десетици објекти: цркви и манастири со вековни фрески, џамии, археолошки локалитети што бараат внимателна заштита, профани градби со историска вредност. Секој од овие објекти е уникатен и бара посебен пристап, но човечкиот и материјалниот капацитет се премали за да одговорат на сите потреби.
Годишните програми финансирани од Министерството за култура, иако добронамерно поставени, често бараат реализација на повеќе проекти отколку што е физички и временски возможно. На хартија, задачите изгледаат остварливо, но во пракса тие бараат огромна организација, постојано присуство на терен и ресурси што едноставно не постојат. Така, тимовите се наоѓаат во постојана трка со времето, обидувајќи се да постигнат резултати што ја надминуваат нивната капацитетност.
Често еден храм или еден археолошки локалитет бара целогодишна посветеност – внимателно следење на состојбата, интервенции, документација, надзор и презентација. Но кога еден објект бара толку многу време и енергија, тоа значи дека другите се оставаат во сенка, без доволна грижа. Така се создава парадокс: колку повеќе се вложува во еден проект, толку повеќе други проекти остануваат незаштитени.
Ограничените ресурси не се само финансиски – тие се и човечки, технички и организациски. Недостигот од кадар, недостигот од специјализирани мајстори, недостигот од современа опрема и лаборатории, сето тоа ја прави секоја интервенција натчовечки напор. Тимовите често работат со ентузијазам што ја надминува професионалната должност, вложувајќи лична енергија и време за да се спаси дел од наследството. Но ентузијазмот, колку и да е голем, не може бескрајно да ја надоместува институционалната слабост.
– Оваа состојба открива една длабока вистина: заштитата на културното наследство не може да се темели само на ентузијазам и љубов кон историјата. Таа бара системска поддршка, долгорочна стратегија и вложување во ресурси што ќе овозможат институцијата да работи со достоинство и ефективност. Без тоа, секој успех ќе биде постигнат со натчовечки напори, а секој неуспех ќе значи неповратна загуба на дел од националната меморија – ни беше посочено во нашиот разговор од добро упатени во оваа проблематика.


Патот кон културниот суверенизам води преку достоинствена заштита на културното наследство

Неопходен долгорочен пристап за надминување на предизвиците

Националниот конзерваторскиот центар во Скопје не е само институција – тој е чувар на македонската меморија, сведок на идентитетот и мост меѓу минатото и иднината. Секоја негова интервенција е чин на љубов кон историјата, секој негов проект е обид да се зачува живиот пулс на културното наследство. Но оваа возвишена мисија постојано е загрозена од суровата реалност: недостиг од кадар, отсуство на специјализирани фирми, прекинати образовни традиции и ограничени ресурси. Тоа се пречки што не можат да се надминат со ентузијазам сам по себе, туку бараат системски и долгорочен пристап.
Решението лежи во создавање национален центар за едукација – институција што ќе биде расадник на нови генерации конзерватори, каде што младите ќе учат не само теорија туку и ќе ја допрат суштината на занаетот преку работа на оригинални дела. Таквиот центар би бил симбол на континуитет, гаранција дека знаењето нема да згасне со заминувањето на старите мајстори туку ќе се пренесува и надградува. Потребно е и стимулирање на нови генерации конзерватори – преку стипендии, практични програми, меѓународни разменски проекти и јакнење на врската меѓу универзитетите и институциите. Само така младите ќе ја почувствуваат вредноста на оваа професија и ќе ја препознаат како пат на достоинствена служба кон сопствената културна меморија.
Јакнењето на институционалната поддршка и вреднувањето на човечкиот капитал е третиот и клучен столб на решението. Конзерваторот не смее да биде третиран како административен број или трошок, туку како најважен ресурс – чувар на пламенот што ја осветлува историјата. Институциите мора да вложуваат во нивната обука, да обезбедат услови за работа и да ја нагласат нивната улога како носители на националната културна политика.
Само преку ваков системски пристап ќе може да се обезбеди достоинствена заштита на културното наследство. А тоа наследство не е само национално богатство – тоа е живо сведоштво за постоењето на еден народ, неговата духовност и неговата креативна сила. Тоа е мост кон светот, кој ја отвора Македонија кон меѓународната културна сцена, и мост кон иднината, кој им овозможува на новите генерации да ја градат својата самосвест врз темелите на историјата.
– Да се зачува културното наследство значи да се зачува идентитетот. А да се зачува идентитетот значи да се обезбеди иднина. Заштитата на културното наследство не е покачување на минималната плата, не е одржување стабилен девизен курс, не е висок бруто-национален приход, бидејќи тоа се предуслови за функционално постоење на еден народ. Односот кон културното наследство всушност е одблесокот од нас самите и нашето сопствено вреднување и како луѓе и како народ – заклучуваат нашите соговорници.