ЗЕВА симпозиумот е особено значаен настан затоа што служи како платформа за размена на искуства и знаење меѓу лекарските комори од повеќе држави, што помага во креирање на предлози за унапредување на здравствениот систем. Во однос на вештачката интелигенција, што е сè повеќе присутна и во медицината, сите се согласни дека лекарските комори мора да бидат инволвирани во креирањето на регулативата за нејзина примена. Позитивни искуства може да црпиме од Австрија и Германија, каде веќе е поставен систем на државно ниво за нејзина примена. Треба да се постават правила што ќе ги штитат докторите и пациентите од евентуални грешки на вештачката интелигенција, истакна претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева – Старделова.
Лекарска комора е домаќин на овогодинешниот ЗЕВА симпозиум што се одржува денеска и утре во Скопје. Како што беше кажано, на настанот се присутни претставници од лекарските комори од 12 земји од Централна и Југоисточна Европа кои дискутираат клучни теми за развојот на медицинската професија и здравствените системи.
На Симпозиумот се обработуваат четири главни теми што се од особена важност за иднината на здравствениот систем и медицинските комори.
– Правата сесија е посветена на примената на вештачката интелигенција во медицината, односно како новите технологии може да ја подобрат дијагностиката, третманот и администрацијата во здравството. На втората сесија се дискутираше за улогата на младите лекари и нивната инволвираност во работата на коморите. Третата сесија беше посветена на вклученоста на коморите во планирањето на здравствениот кадар, како и за стратегиите што се применуваат во различни земји за подобрување на ефикасноста во управување со човечките ресурси во здравството. Посебно внимание се посветува и на признавањето на дипломите од странските држави, бидејќи тоа е важно за мобилноста на лекарите и соработката меѓу земјите – се наведува во соопштението на Лекарската комора.
Покрај Австрија и Србија, како што се наведува во соопштението на Лекарската комора, извештаи за состојбите во државите презентираа и претставници од Германија, Хрватска, Полска, Романија, Чешка, Украина, Република Српска, Албанија и Црна Гора.
– На Симпозиумот учествуваше и претставник на Постојаниот комитет на европски доктори (ЦПМЕ) кој ги презентираше активностите на оваа организација којашто го претставува гласот на 1,7 милиони доктори од 37 европски држави. На почетокот на настанот, присутните ги поздрави и министерот за здравство Азир Алиу – се додава во соопштението.
ЗЕВА симпозиумот е годишен настан што се организира со цел да се поддржува, промовира и проширува улогата и работата на професионалните коморски асоцијации, да се разменуваат искуства и мислење, како и да се заземат ставови и да се дадат предлози од делокруг на нивното делување, но и во функција на подобрување на здравствениот систем и обезбедување квалитетна и достапна здравствена заштита за населението. Оваа година се организира 32-от Симпозиум, а досега во нашата земја се организирани пет вакви настани. Следната година домаќин на ЗЕВА ќе виде Австриската лекарска комора.
Од Министерството за здравство пак, информираа за обраќањето на министерот Алиу.
– Примената на вештачката интелигенција во здравството има навистина голем потенцијал за унапредување на здравствената заштита. Не помалку важна е и темата за планирање и управување со здравствениот кадар, бидејќи тој е најзначајниот ресурс во здравството – истакнал министерот.
Тој додал дека очекува заклучоците од овој Симпозиум да имаат практична примена во иднината.
– Уверен сум дека овој симпозиум ќе придонесе за подобри услови за работа на лекарите и поквалитетно лекување за пациентите – заклучил Алиу.