Фото: Маја Јаневска-Илиева

Амбулантите на матичните лекари се полни со заболени со респираторни инфекции. Но, тоа не се должи само на грипот. Податоците на Институт за јавно здравје велат дека во првата недела од годинава имало низок интензитет на вирусот на грип и уште не е достигнат прагот за влез во сезоната на грип.
Во текот на првата недела од новата година (од 30 декември до 5 јануари 2025), во земјава се пријавени 331 случаj на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 47,1% повеќе во споредба со претходната недела, информира Институт за јавно здравје (ИЈЗ).
Бројот на пријавени оваа недела споредено со првата недела од минатата сезона е намален за 67,7%.
Во овој период во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнал 31 материјал од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за инфлуенца, ковид-19 и респираторен синцицијален вирус (РСВ).
-Притоа, не се детектирани позитивни случаи на ковид-19. Регистрирани се еден пациент со грип – инфлуенца А(Х3) и 5 со РСВ. Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип – информираат од ИЈЗ.
Во однос на возрасната дистрибуција, 168 лица се на возраст од 15-64 години, 101 кај деца на возраст од 5-14 години, 42 кај деца на возраст од 0-4 години и 20 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.
Заболените се пријавени од Дебар – 123, Куманово – 55, Гостивар – 40, Скопје – 36, Тетово – 23, Кавадарци – 20, Струга – 12, а во Струмица, Кратово, Битола, Берово и Радовиш бројот на заболени е помал или еднаков на 10.
– Во 6 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во пет – сезонска, а во една (Дебар) – висока активност на вирусот на грип – велат од ИЈЗ.
Оттаму коментираат дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој сè уште е под неделната граница за сезонска активност.
-Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има спорадична активност на вирусот на грип во текот на изминатите 14 недели
на надзор. Согласно овие податоци, Македонија има низок интензитет на вирусот на грип – велат од ИЈЗ.