Потребни се осуда на геноцидот и спречување на натамошниот културоцид врз Македонците (2)
Свето Тоевски
„Tеророт врз македонските семејства почнува уште пред да ја верификуваат во Букурешт во 1913 година окупацијата на Грција над Егејска Македонија со масовни колежи на населението и со палење на селата. Овој податок произлегува од извештаите на познатата меѓународна Карнегиева анкетна комисија, составена во тоа време, која ги испитувала штетите од балканските војни. Според оваа комисија, на 21 јуни 1913 година грчката војска влегла во градот Кукуш, ги убила сите луѓе, повеќе старци, жени и деца, кои не можеле да избегаат од градот од страв од колежот на војската, но и оние граѓани што, ги фатила при бегањето. Во Правиште, западно од Кавала, грчката војска убила близу 7 илјади граѓани“, се нагласува во статијатa со наслов „Плачот од Егејот“, која ја има објавено весникот „Македонска нација“ на својот интернет-портал.
Покрај другото, во статијата пишува: На 23 јуни 1913 година во селото Аканџали една грчка воена формација, составена од 300 војници, направила вистински масакр, колејќи во исто време 3.500 Македонци, пребегани во ова село од изгорените македонски села во Кукушката околија. Меѓу 21 и 23 јуни 1913 година грчката војска го изгоре до корен градот Кукуш, како едно од упориштата на македонското ослободително движење. Изгорени се 1.846 куќи, 612 дуќани и работни установи и шест фабрики. Од 20 до 25 јуни 1913 година грчката војска изгоре до темел вкупно 39 македонски села. Меѓу 23 и 28 јуни 1913 година бил изгорен и поголем дел од градот Сер. Во пожарот предизвикан од војската изгореле 4.000 куќи. Во тој период во Серско и Драмско биле целосно изгорени селата Ораховец, Баница, Горно Броди, Скрижево, Горенчик и други.
Во Лагадинско биле изгорени селата Зарово, Негован, Богородица и други. Од 27 јуни до 6 јули 1913 година грчката војска ги изгорела сите квартови на Солун во кои живеело македонското население. Според податоците на Карнегиевата комисија, во тоа време во Егејска Македонија биле изгорени околу 170 села со повеќе од 17 илјади куќи. Уште во текот на Втората балканска војна македонското население, со сила, под заканувања, со смрт, се наведува во извештајот, било принудувано да потпишува декларации со кои се откажува од својата македонска национална свест, кои подоцна требало да им послужат на грчките власти како доказ за „грчкиот состав на населението во Егејска Македонија“, при одредувањето на нивните граници меѓу балканските држави.
Богданската група на дијалекти (од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован) се најде под огромен, стравотен притисок. Селото Зарово беше запалено од грчката армија во Втората светска војна, а македонското население избега во Пиринска Македонија. Американскиот лингвист и славист Пол М. Фостер Јуниор во еден свој научен труд забележа дека сево ова придонесе да исчезнат македонските дијалекти во околината на Солун по 1.500 години од нивното постоење!
Геноцид врз Македонците заради трајно зачувување на присвоената територија на Егејска Македонија
Егзодусот започнува веднаш по окупацијата на Егејска Македонија од страна на Грција од 10 август 1913 година, кога и по сила на Букурешкиот мировен договор Македонија е разделена. Грчките власти систематски работеле на уништување на македонското население и на етничко чистење на Eгејска Македонија од негрчко население. Површината на Македонија во тоа време изнесувала 66.474 квадратни километри, но таа го губи егејскиот дел, кој изнесува 33.953 км2, врз кој окупација врши Грција, а македонското население во тој дел броело 326.426 Македонци. Грција од почетокот гради стратегија за трајно зачувување на оваа територија. Најважен услов за тоа беше да се изврши геноцид. Тоа е направено организирано и со меѓусебна размена на населението. Грција склучи договори за размена на населението со Турција и Бугарија, со што во Егејска Македонија се доселувани Грци од овие држави, кои ја менуваа етничката карта.
Во ноември 1919 година меѓу Грција и Бугарија е потпишана Конвенција за „доброволно иселување на Македонците од Егејска Македонија“. Таа е продолжувана неколкупати, со цел да се иселат штo поголем број Македонци. Со оваа Конвенција, но и со низа други притисоци и закани, од Егејска Македонија во Бугарија се иселени околу 95 илјади Македонци. Од 1913 до 1923 година во Егејска Македонија се доселија околу 638 илјади нови жители, главно Грци, а од неа се иселија околу 95 илјади Македонци. Тоа претставуваше прва поголема катастрофа на македонското население. Но Грците не застанаа тука. Наредните постапки беа со цел да се избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Егејска Македонија.
Тоа што Грците не успеале да го сторат во егејскиот дел на Македонија од окупацијата во 1913 година, па во наредните 35 години, многу вешто и итро го прават од 1945 до 1949 година. Теророт започнува веднаш по повлекувањето на германската војска.
Грчката монархофашистичка војска, со жандармеријата, а поттикната и од британската војска, сееше страв и трепет по македонските населби. Вршеа невиден терор: убиства, мачења, сѐ до силувања, проследени со масовно горење на селата. Голем број села во тој период се избришани од географската карта. Во март 1948 година се изгонети 28 илјади македонски деца од своите родни огништа во селата во Егејска Македонија. Сѐ било добро организирано да се сотрат македонските огништа и денес Македонците таму се речиси истребени.
Мошне вешто Грците ја искористуваат Граѓанската војна, за да го искоренат македонството од местата каде што тоа жилаво опстојуваше и по 35 години поминати од грчката окупација врз Егејска Македонија. При крајот на прогонствата грчките власти донесоа декрети со кои им се конфискува имотот на Македонците и им се забранува нивното повторно враќање, и покрај тоа што сите тие прогонети имаат документи за поседување сопственост или такви документи постојат во катастарските служби во општините во кои живееле, а се под Грција. Сиот тој одземен имот им беше доделен на стари населени Грци или на новонаселени Грци. Грците најмногу ја искористија Граѓанската војна за целосно бришење на македонизмот во Егејска Македонија, напиша „Македонска нација“ во својата статија.
МАНУ: Уште од 1913 година, Грција со политика на државен терор го започна етничкиот геноцид врз македонскиот народ!
„Уште од Втората балканска војна (1913), Грција со политика на државен терор го почна етничкиот геноцид врз македонскиот народ. Суровоста на грчките војници кон македонското население беше немилосрдна. Со политичката поделба на Македонија од 1913 година грчката држава почна да спроведува активна политика на денационализација и асимилација на Македонците. Македонското име и македонскиот јазик беа забранети, а Македонците беа именувани како Бугари, славофони Грци или едноставно ’ендопи’ (домородци)“, се наведува во научната студија со наслов „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науките и уметностите, издадена во 1993 година.
Во студијата се истакнува: Со непризнавањето на македонската нација, не се признаваше ни македонскиот јазик. Тој беше забранет, омаловажуван, сметан за варварски јазик, недостоен за еден културен и цивилизиран граѓанин. Строго се забрануваше неговата употреба во меѓусебната комуникација, меѓу родителите и децата, меѓу селаните, на свадби или на погребни ритуали. Прекршувањето на оваа забрана повлекуваше драконски казни: од морално и психичко малтретирање до ’јазичниот данок’ за секој изустен македонски збор. Истовремено, строго се забрануваше и писменото користење на македонскиот јазик, a македонската писменост се отстрануваше од црквите, спомениците и гробовите. Сите цркви беа именувани со грчки имиња. Кулминација на напади врз македонскиот јазик реализира генералот Јоанис Метаксас во 1936 година. Генералот Метаксас го забрани користењето на македонскиот јазик не само во секојдневниот живот во селото, на пазарот, во обичната и природна човекова комуникација, на погребните ритуали, туку и во рамките на семејството. Истовремено, возрасните Македонци, без разлика на староста, беа принудени да ги посетуваат т.н. вечерни училишта и да го учат „милозвучниот грчки јазик“. Поради кршењето на забраната за користење на македонскиот јазик во селото, на пазарот или во тесниот круг на семејството, голем број Македонци беа осудени и депортирани по грчките пусти острови.
Опресивни мерки по Втората светска војна
Политиката на Грците спрема Македонците во текот на Втората светска војна имаше двојна цел: продолжување на асимилацијата и денационализацијата на Македонците и спречување во егејскиот дел на Македонија да се појави и да се развие македонско ослободително движење со македонска национална програма. Разни воени формации поведоа терористички прогон против Македонците со: терор, убиства, масовно судско гонење, протерување преку границата, грабежи, конфискација на имотите, иселување и населување и др. Во наведениот период беа изгорени 3.482 куќи, ограбени 80 села со 1.605 семејства, одземени 1.045 глави крупен и 23.382 глави ситен добиток. Режимот на Метаксас сакаше да се избрише секој белег што укажува на македонскиот национален карактер на Егејскиот дел на Македонија.
Најкарактеристични примери за присилно протерување на Македонците имаше во Источна Македонија. Само во периодот од февруари до крајот на март 1945 година, во Источна Македонија грчките терористички банди убија 29 Македонци, затворија 3.100 и преку граница протераа 600 македонски семејства. Истото тоа се случуваше и во другите краишта на егејскиот дел на Македонија. Поголемиот дел од македонското население од Западна и Централна Егејска Македонија, за да го спаси својот живот, во 1948 година пребегна во Југославија и во Албанија. Повеќе од 60.000 Македонци беа принудени да побараат засолништа надвор, бегајќи преку граница. Покрај наведените методи и средства, грчките власти се обидоа да извршат едно од најголемите злосторства врз Македонците. Во јуни 1946 година група грчки пратеници му предложија на грчкиот парламент да донесе декрет за присилно протерување преку граница на сите Македонци од егејскиот дел на Македонија со образложение дека тие, наводно, со својата дејност го загрозуваат интегритетот и суверенитетот на Грција и претставуваат опасност за мирот итн. Грчкиот парламент не донесе декрет за прогонување на Македонците, но грчката десница ја продолжи дотогашната политика на истребување на Македонците. Едно од злосторствата што ги извршија грчките монархофашисти, почнувајќи од 1946 година, е присилното иселување на селата и нивното натрупување во специјални логори во градските центри. Според една статистика, од егејскиот дел на Македонија присилно биле иселени 213.000 лица.
Теророт, масовните убиства и другите репресивни мерки се покажаа неефикасни да ги натераат Македонците да потклекнат. Напротив, Македонското народноослободително движење прерасна во значаен и во некои периоди дури решавачки воено-политички фактор во земјата, со јасни и дефинирани стратешки цели. Повеќе од 20.000 Македонци служеа во редовите на Демократската армија на Грција (ДАГ) и нејзините помошни служби. На слободната територија, која се протегаше главно на територијата на егејскиот дел на Македонија, функционираше народна власт, се создадоа македонски народни училишта, македонска народна печатница, се издаваше македонски печат и други македонски изданија, културно-уметнички групи и други македонски институции.
Во антимакедонската акција, по традиција, активно се вклучи и Грчката црква. Покрај секојдневните проповеди со антисловенска и антимакедонска содржина на грчките свештеници, Грчката црква примени мерка со која ги принудуваше Македонците групно и јавно да даваат заклетва дека во иднина нема да го употребуваат македонскиот, туку грчкиот јазик.
Во април 1980 година раководството на Централниот комитет за политички бегалци (КЕППЕ) побара од грчката влада слободно и безусловно овозможување на политичките бегалци да се вратат во своите домови. Министерот Константинос Стефанопулос одговори дека барањето не може да биде прифатено заради националните интереси. Образложувајќи го тоа, Стефанопулос изјави дека во некои делови на Грција има подрачја во кои живееле и живеат луѓе со намалено национално чувство, односно со чувствителен состав на население и ако се овозможи слободна репатријација на тие луѓе, за Грција одново ќе се создаде национално прашање и опасност за некои чувствителни области. Неодамнешната историја го потврдува тоа, рече Стефанопулос. Во продолжение тој прецизира дека се работи за 40.000 луѓе што се наоѓаат во источноевропските земји (Македонци) и дека тоа како прашање за Грција не постои. Поради тие причини, рече тој, грчката влада не може да се согласи и да го примени принципот за слободна репатријација. Со доаѓањето на власт на Сегрчкиот социјалистички сојуз (ПАСОК), владата на Андреас Папандреу уште повеќе ги заостри мерките за асимилација и денационализација. На 30 декември 1982 година го донесе Законот за слободна репатријација на политичките бегалци од Грција, „Грци по род“, со кој Македонците (како негрци) ги лиши од можноста да се вратат во своите домови, во земјата во која се родиле.