Седумдесет и девет грантови од по 30.000 денари, односно вкупно околу 2,4 милиони денари, МОН им додели во тековната 2024/2025 година на 130 основни и средни училишта во државава за поддршка на активности кои ќе го унапредат мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на прес-конференција рече дека успешно е заокружен јавниот повик за предлог активности кој МОН го објави во октомври 2024, а за доделените 79 грантови одлучила комисија за рангирање и избор.
Како што рече, тоа се активности кои ги поврзуваат учениците од различни етнички, културни и религиозни заедници насочувајќи ги кон меѓусебна почит, разбирање, соработка и градење хармонична училишна средина.
-Оваа поддршка е, всушност, законска обврска и дел од образовните политики и стратегии на Министерството насочени кон обезбедување рамноправен пристап до квалитетно образование за сите ученици. Младите треба да знаат дека разликите по која било основа не се бариери туку, напротив, мотив за зближување, за развивање емпатија и градење силно општество. Тоа е единствениот пат по кој тие треба да се движат и тоа е мојата силна порака до нив – истакна Јаневска на прес-конференцијата на која присуствуваа и неколку директори на училишта што добиле грант.
Како што рече, лично смета дека грант од 30.000 денари е недоволна поддршка, но такво било законското решение во моментот на објавување на повикот. Соопшти дека за наредната учебна година, грантот ќе биде тројно повисок и ќе изнесува две и пол просечни нето плати односно речиси 90.000 денари. Конкурсот ќе биде објавен во последниот квартал од оваа година.
-Ова го уредивме со измените на Законот за основно образование, а ќе биде уредено и со новиот Закон за средно образование кој веќе е во собраниска процедура и очекувам многу брзо да биде донесен. Не се ни ова премногу средства, но во моментов државата толку може да обезбеди. Во иднина, секогаш кога ќе имаме можности за овие цели, за комплетна интеграција на младите луѓе, секогаш ќе се одвојуваат повеќе средства – додаде министерката.
Посочи дека учениците треба да учат заедно и да нема нивна поделба и оти тоа се очекува со планот за едносменска настава.
-Мојот личен став е дека уште од градинки и од прво одделение децата треба да бидат во мултиетнички паралелки. Но, процесот не е лесен. Едносменската работа ќе обезбеди она што порано го имавме – во една смена да бидат паралелките од различни етнички заедници. Поради случувањата во минатото и поради агресивното однесување на дел од учениците, пристапивме кон подвојување. Но сега е дојдено време кога треба да се вратиме на она што е нормално, а нормално е да бидат и да живеат заедно и да се разбираат. Да се познаваат, да се препознаваат како различности, но да се почитуваат како еднакви. Затоа правиме вакви напори… Според мене, тоа треба да е цел на целото општество и колку побрзо се спроведе, толку подобро ќе биде за сите нас односно на нашата држава- рече Јаневска.
Дел од раководителите на училиштата на прес-конференција соопштија што планираат со добиениот грант и искажаа задоволство од ефектите што ги постигнале со вакви проекти во минатите години. Меѓу актовностите што ги предложиле се излет со ученици од друга етничка заедница од друго училиште, меѓусебно запознавање на обичаи и верски празници, ликовни и литературни конкурси итн.