Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а меѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест, предупредуваат граѓанските организации ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.
По повод 4 Февруари – Светскиот ден за борба против ракот, организациите алармираат дека во 2024 година со организираниот скрининг за рак на грлото на матката биле опфатени само околу десет проценти од целната група жени, што е далеку под минимално потребниот праг за ефикасна превенција.
– Овие податоци укажуваат дека превентивната здравствена заштита не е вистински приоритет во здравствените политики – наведуваат организациите, додавајќи дека буџетот за превентивни програми со години стагнира и не го следи растот на трошоците и инфлацијата.
Според нив, во 2025 година за превентивни програми биле издвоени 672,5 милиони денари, додека за 2026 година се планирани 677 милиони денари. Истовремено, за скрининг на малигни заболувања се издвојуваат само 23 милиони денари годишно – сума што останува непроменета со години и треба да опфати четири различни малигни заболувања.
Особено загрижува состојбата со програмата за скрининг на рак на грлото на матката, која постои од 2012 година, а располага со само 11 милиони денари годишно.
– Со ваков буџет невозможно е да се обезбеди соодветен опфат и квалитет на услугата – посочуваат организациите.
Дополнителен проблем, како што наведуваат, претставува недостигот од гинеколози во околу 40 општини, ограниченото функционирање на мобилната гинеколошка амбуланта и административните бариери, кои значително го отежнуваат пристапот на жените до навремена превенција.
Додека повеќе земји од Европската Унија се приближуваат кон елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, кај нас ова заболување и понатаму одзема животи кои можат да се спасат. Организациите потенцираат дека клучни мерки се ефикасен и соодветно финансиран скрининг, како и висок опфат со ХПВ вакцинација кај девојчињата и момчињата.
– Ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи – се наведува во соопштението.
Организациите порачуваат дека превенцијата спасува животи и дека вложувањето во рана детекција не е трошок, туку инвестиција – и во здравјето на жените и ранливите групи, и во одржливоста на целиот здравствен систем.
Активностите за унапредување на скринингот на рак на грлото на матката се спроведуваат во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

































