Гори шума над селото Нивичани, на Осоговските Планини, петнаесетина километри од Кочани. Пожарот е пријавен вечерва, нешто по 18 часот. Според информациите од теренот, огнот зафатил поголема површина и претставува закана за неколку викенд-куќи во близината на селото.
Од Територијалната противпожарна единица – Кочани информираат дека се ангажирани сите расположливи средства и дека гаснењето се одвива во координација со Доброволното противпожарно друштво и екипи на ЈП „Национални шуми“.
– Пожарот се шири со голема брзина поради сувата вегетација и повремениот ветер. Во момементот 40 пожарникари и доброволци се вклучени во локализирање и заштита на објектите, соопштија од кочанската противпожарна служба.
Надлежните апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на пожарот и уште еднаш потсетуваат на потребата од внимателно однесување во природа, особено во летниот период кога опасноста од пожари е зголемена.