Фото: Општина Прилеп

Со првата примена на методот интравенска тромболиза во прилепската болница беше спасен животот на младо, 28-годишно момче. Неврологот Петар Кузманоски со своите колеги веднаш интервенирал, прецизно дозирајќи лек за го спасат пациентот од смрт, но и од траен инвалидитет.

-Тромболизата претставува третман на акутен ихемичен мозочен удар, односно протокол кој е добро дефиниран со временска рамка и со клинички индикации. Во случајот со младиот пациент, тој се јави во првиот час. Пациентот беше со јасни знаци на мозочен удар и ги имавме сите критериуми, и временски, и физички за да  може да ја направиме интервенцијата. Целта на терапијата е да го намалиме ризикот од смртност и ризикот од траен инвалидитет. Методот се применува така што се дава лек, интравенски, во вид на инфузија која се дава еден час, пациентот цело време се мониторира во наредните 24 часа – објаснува неврологот од прилепската општа болница, д-р Петар Кузманоски.

Најбитни се првите четири часа од појавата на симптомите – слабост на која било страна од телото и неможност за говор, зашто потоа настануваат големи оштетувања на организмот и не може да се помогне.

-Секако, ова не е само личен успех, туку и на болницата. Ова е голема организација. Покрај нашето, вклучено е и одделението за радиологија каде итно го прочитаа резултатот, потоа одделението за биохермиски анализи, секако, и екипата за Итна медицинска помош. Целта на овој третмна е пациентите, не само од нашата општина, туку и од поблиските општини да може да го добијат соодветниот третман – вели Кузманоски.

Иако овој метод кој се прави од 2015 година во Македонија и е направен во неколку центри, моментално како рутински, редовно, се прави само во Скопје.

-Така, сега може да кажеме дека и овде ќе се прави редовно и пациентите од овој регион ќе може да бидат услужени со оваа метода – додава неврологот Петар Кузманоски од прилепската општа болница „Борка Талески“.

Мозочните удари се карактеристика на староста, но има и случаи кај младите, иако смета дека не се алармантни. Препораките за превенција се: здравиот начин на живот, добрата исхрана, физичка активност, одвикнувањето од пороците, како цигари и алкохол.

Лекарите во Болницата прават и превентивни, скрининг прегледи, со доплер на вратни крвни садови, лабараториски анализи и гледааат да ги намалат тие најчести причинители на мозочен удар.

-Секој пациент кој ќе почувствува слабост на едната страна од телото, лева или десна страна, рака или нога, завлекување или невозможен говор, секогаш ќе биде знак дека станува збор за мозочен удар. Веднаш да се јави на лекар. По тие четири часа лекот нема да го постигне ефектот и да помогне. Секоја минута е битна за да се спаси животот при знаци на мозочен удар – објаснува прилепскиот невролог Петар Кузманоски.