Според податоците на Државен завод за статистика, во четвртиот квартал од 2025 година е забележан значителен пораст на товарниот сообраќај. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека ваквите резултати се позитивен сигнал за економската активност и потенцијалот за отворање нови работни места.
Како што информираше Николоски преку објава на социјалните мрежи, количината на превезена стока во патниот товарен превоз е зголемена за 66,7 проценти во споредба со истиот квартал од 2024 година. Пораст има и во авионскиот карго-превоз, каде што е регистрирано зголемување од 23,7 проценти на годишно ниво.
Раст е евидентиран и кај патничкиот сообраќај. Во анализираниот период, со копнен превоз биле транспортирани околу 925 илјади патници, додека во воздушниот сообраќај се регистрирани 889 илјади патници. Според министерот, овие бројки се резултат на владините политики за финансиска поддршка на нови авиолинии, што придонесуваат за зголемена мобилност и подобра поврзаност.

































