На проценета вредност од над 1,35 милијарди евра се очекуваат инвестициите во нови капацитети за производство и складирање на електрична енергија што се веќе во фаза на реализација. Со Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2025 година, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и донесен од Владата, се опфатени 481 објект за производство на енергија со вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 MW, при што доминираат фотоволтаичните електроцентрали. За првпат се предвидува и градење на капацитети со батерии за складирање на електрична енергија согласно новиот Закон за енергетика.
Во планот се вклучени објекти кои веќе имаат одобрение за градење или решение за изведување на градба/поставување опрема, како и решение за согласност за приклучување на преносната или дистрибутивната мрежа, односно овластување за изградба на нови енергетски објекти. Новите објекти треба да го зголемат производниот капацитет со обновливи извори на енергија, но и да ги зајакнат електропреносната и електродистрибутивната мрежа.
Подготовката на планот е врз основа на новата законска рамка, односно Законот за енергетика, кој стапи на сила во мај 2025 година. Токму затоа, практичната примена на новите правила стартуваше во втората половина од годината. Согласно оваа динамика и подготовката и носењето на Годишниот план се „прелеа“ до крајот на 2025 година, со негово донесување од Владата во декември.
Согласно членот 87 од Законот за енергетика, со кој се регулира носењето на планот, Министерството веќе подготвува сличен план за иневстиции во енергетски објекти и за 2026 година.

- Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Во делот за електроцентрали, планот опфаќа пет технологии фотонапонски капацитети, хидроцентрали, ветерници, термоелектроцентрали и термоелектроцентрали на биомаса. Во планот вкупно се наведени 481 централа со вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 MW. Од нив дури 457 централи со инсталирана моќност од 812,70 MW се фотонапонски електроцентрали, додека ветерните електроцентрали се 2 со 426,00 MW. Хидроелектроцентралите се 10 со 15,54 MW, термоелектроцентралите 1 со 0,64 MW, а термоелектроцентралите на биомаса 11 со 11,01 MW.
Кога се гледа распределбата по технологии, планот потврдува дека фотоволтаиците се најраспространети по бројност, но најголем „скок“ во инсталирана моќност доаѓа од мал број големи проекти односно двете ветерни електроцентрали заедно имаат 426,00 MW, наспроти фотоволтаични централи со вкупно 812,70 MW, што јасно ја прикажува структурата на инвестициите, кои пред се се насочени во помали производствени капацитети.
Планот ги систематизира објектите и според инсталирана моќност – поголема или еднаква на 1 MW и до 1 MW, како дел од општинските енергетски планови. Распределбата на објектите покажува дека најголемиот дел по бројност се мали постројки до 1 MW, кои се дел од општинските енергетски планови: 332 централи со вкупно 179,72 MW. Во оваа група доминираат 324 фотонапонски централи, а опфатени се и 5 хидроцентрали, една термоелектроцентрала и две централи на биомаса.
Истовремено, најголемиот дел од вкупната инсталирана моќност е концентриран кај поголемите постројки. Во категоријата со инсталирана моќност поголема или еднаква на 1 MW се наведени 149 централи со вкупно 1.085,44 MW, што значи дека токму овие проекти ја носат главната „тежина“ во вкупната инсталирана моќност опфатена со планот.
Значајни вложувања се предвидени и во капацитетите за складирање, и тоа во интегрираните батериски системи што се поставуваат во рамки на фотоволтаичните централи, и во посебни (изолирани) складишта со голема инсталирана моќност и капацитет за складирање, што ја нагласува насоката паралелно да се развива и инфраструктурата за балансирање и пофлексибилно управување со производството. Вкупната инвестиција изнесува над 53 милиони евра.

- Фото: Пиксабеј
Според најавените инвестиции во складиштата на електрична енергија, кај интегрирани батериски системи е предвиден изградба на вкупен капацитет за складирање од 282,145 MW. Додека инвеститорите поднеле иницијатива до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини до 01 октомври 2025 година за изградба на вкупни капацитети за изолирани складишта од 1.863,896 MWh.
Според технологијата во која се насочени инвестициите 677,2 милиони евра се наменети за фотонапонски централи, 35,7 милиони евра во хидроцентрали, 553,8 милиони евра за ветерници, 1,1 милиони евра за термо (0,64 MW) и 33 милиони евра за биомаса. За интегрираните складишта се наведуваат инвестиции од околу 6,4 милиони евра, а за изолираните складишта – 46,6 милиони евра. Вкупните инвестиции за 2025 година, според податоците од планот се во висина од 1.353.983.887 евра.

































