Ова се луѓето што застанаа зад Делчев, Македонија и македонството. Ова се луѓето што будно ги чуваа неговото име и спомен. Ова се луѓето што ни го донесоа Гоце во Македонија. Ова се луѓето што ја трасираа и обележаа патеката кон она што сме ние денес – Македонци, вели Диме Ратајкоски
Не случајно се вели – една фотографија илјада збора. Таа ни овозможува со свои очи да погледнеме во минатото, да ја согледаме суштината и да ја пренесеме на идните генерации. Фотографијата дава бесмртност бидејќи кога ги гледаме старите фотографии си замислуваме каков бил животот во минатото и какви биле нашите предци. Затоа фотографијата на одреден начин комуницира со минатото и го овековечува. Таа го зачувува историскиот момент за век и векови, а овој момент ни оживува многу нешта за луѓето и нивните судбини. Кога идните генерации ги гледаат фотографиите, тие можат да го согледаат животот онаков каков што бил, а не онака како што некој ќе се обиде да им го прераскаже. Фотографијата е сама по себе сведоштво за нешто што се случило во минатото, во одредено место и време.
Токму ваква фотографија од македонската историја беше откриена и донесена во Македонија од страна на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Станува збор за фотографија што тие ја именуваат како „Гоцевата дружина“, бидејќи на неа се претставени едни од најблиските соработници на Гоце Делчев. Фотографијата е направена на 4 мај 1939 година, по повод 35-годишнината од смртта на Делчев.
Централно на фотографијата е застаната најстарата сестра на Гоце, Руша Делчева–Чопова, жената што 40 години ќе носи црнина. Таа е првата жена заколната во македонското револуционерно движење, и тоа токму од Гоце. Таа е „сестрата“ на сите револуционерни дејци и „мајката“ на македонската револуционерна борба, посочува Ратајкоски. Десно од Руша е револуционерот Туше Делииванов, еден од најдобрите Гоцеви другари. До него е војводата Михаил Чаков (една од неговите последни фотографии), верниот чувар на посмртните останки на Гоце Делчев. До него е новинарот и публицист Митко Зафировски, уредникот на весникот „Гоце“ од 1938 година. На фотографијата може да се видат Павел Шатев (втор ред, централно), велешкиот војвода Стефан Аврамов, историчарот Ангел Динев, војводата Алексо Мартулков, Георги Каранџулов (брат на прилепскиот војвода Никола Каранџулов), како и новинарот и уредник Коста Веселинов.
– Ова се луѓето што застанаа зад Делчев, Македонија и македонството. Ова се луѓето што будно ги чуваа неговото име и спомен. Ова се луѓето што ни го донесоа Гоце во Македонија. Ова се луѓето што ја трасираа и обележаа патеката кон она што сме ние денес – Македонци – вели Диме Ратајкоски.
Руша Делчева-Чопова
Руша Делчева-Чопова е македонска револуционерка и учесничка во македонското револуционерно движење. Руша е најстарата сестра на Гоце Делчев и прва жена револуционер, членка на МРО во Кукуш (од април 1895), која рамо до рамо со другите патриоти учествувала во борбите за ослободување на Македонија. Најмногу информации за неа и воопшто за фамилијата Делчеви дознаваме од нејзината ќерка Лика Чопова. Руша сите ја паметат како неуморна, силна, храбра и решителна жена, која немала страв од никого. Покрај сите големи настани од македонската историја, таа е сведок и на врховистичките убиства на македонските дејци, револуционери со кои често стапувала во вербален конфликт и јавно ги обвинувала за злосторот што ѝ го нанесувале на македонската борба, како и на нејзиното семејство. Таа ги посочува и како нарачатели на убиството на нејзиниот брат, великанот на македонската борба за слобода, апостолот Гоце Делчев.
Туше Делииванов
Туше Делииванов е македонски револуционер, член и раководител на Македонската револуционерна организација (МРО), нејзин задграничен претставник, учител и публицист, кој се залагал за одделна македонска нација. По капитулацијата на фашистичка Бугарија во септември 1944 година, тој е потписник на апелот до Македонците во Бугарија заедно со други видни револуционери и дејци како: Павел Шатев, Ангел Динев, Петар Шанданов, Михаил Герџиков и други.
Михаил Чаков
Михаил Чаков е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и воjвода на Македонската револуционерна организација (МРО). Активно учествува во разгарнувањето на МРО. На 2 мај 1903 година учествува на Смилевскиот конгрес како претставник на леринскиот реон, заедно со поручникот од бугарската армија Георги Папанчев. За време на Илинденското востание, Михаил Чеков, Георги Поп Христов, месниот војвода Тего Хаџиев и Георги Чакров од Банско, специјалист за експлозив, заедно со чета од 200 лица ја напаѓаат железничката станица во Екши Су.
Димитар (Митко) Зафировски
Димитар Зафировски е македонски комунистички деец, припадник на работничкото движење, новинар, учесник во НОБ. Соработува со списанието „Роден крај“ на Гевгелиското братство во Софија и со списанието „Македонски вести“, каде што објавува под псевдонимот Д.Г. Заров. Заедно со Антон Попов и Коста Веселинов го уредува весникот „Гоце“ во 1938 година. До 1941 година бил прогонуван како левоориентиран Македонец. За време на окупацијата повеќепати бил апсен, а во април 1943 година, во отсуство, бил осуден на смрт.
Павел Шатев
Тој е истакнат македонски револуционер и анархист, член на гемиџиите и еден од солунските атентатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија — прв министер за правосудство. Истовремено им се приклучил на гемиџиите. Во текот на Солунските атентати, Шатев бил задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција била успешно извршено, при што бродот бил запален, а и сите патници биле спасени. Тој игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година е осуден на 15 години затвор.
Стефан Аврамов
Тој е македонски интелектуалец, публицист, историчар и учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација (МРО). Член е на раководното тело на организацијата на ветераните на ВМРО, „Илинден“, и објавува статии во списанието „Илустрација Илинден“. На 21 јули 1945 година е избрано ново раководство на Илинденската организација и Стефан Аврамов е назначен за претседател. На таа функција останал до 1947 година. Тој го помагал емигрантското движење на Македонците во Бугарија. Автор е на биографски есеј за Јане Сандански. Бил доста ценет и популарен во македонските емигрантски кругови од илинденската епоха.
Ангел Динев
Ангел Динев е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на ВМРО (Обединета), општественик, новинар, публицист, историчар и политички работник. Тој бил уредник на весникот „Доброволец“ (1944). Во своите дела „Македонските Словени“, „Илинденската епопеја“ и „Политичките убиства во Бугарија“ смело го истакнува постоењето на македонскиот народ. Учесник е во македонското националноослободително движење.
Алексo (Александар) Мартулков
Алексо Мартулков е еден од првите македонски социјалистички револуционери и публицисти. Како член на Македонската социјалистичка група, а подоцна и на ВМРО (Обединета), тој се залагал за ослободување на Македонија. Алексо бил член на Президиумот на АСНОМ и на Собранието на Македонија. Носител е на Илинденска споменица. Спомените за револуционерните борби во Македонија ги завршува во 1953 г. во Скопје, а се издадени од Институтот за национална историја на Македонија во 1954 година.
Георги Каранџулов
Георги Каранџулов е учител, просветен деец и јавна личност, деец на Македонската револуционерна организација (МРО) и Врховниот македонски комитет (ВМК). Тој е постар брат на Никола Каранџулов. Во средно училиште, негов соученик бил Гоце Делчев, со кого се зближил и кој го привлекол во МРО. Пишувал за весникот „Дело“, а во 1902 година бил претседател на македонското друштво во Варна.
Коста Веселинов
Коста Веселинов е македонски културен и национален деец, историчар и публицист. Станува член на ВМРО (Обединета) но и во раководството на Македонската народна студентска група „Гоце Делчев“ што почнува да го издава својот орган „Македонски студентски лист“ (1931), а по забраната продолжува „Македонска студентска трибуна“ (1932). Поради македонската национално-политичката активност и статиите во весникот „Македонско знаме“ е осуден од михајловистите на смрт и извесно време живее илегално.