Глобалниот мир и обезбедувањето фер и демократски избори за над 2 милијарди граѓани е приоритет на владите од светот, изјави техничкиот премиер Талат Џафери во Минхен пред првите билатерални средби на маргините на годинешната Минхенска безбедносна конференција.
Џафери, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека значењето на оваа конференција е во доменот на актуелните случувања во гео-стратешките и геополитичките случувања во светот, а фокусот главно се претпоставува дека ќе биде состојбата во Украина и секако проследена со состојбите во Блискиот Исток.
Пропратно, додаде Џафери, тема ќе биде безбедноста и одбраната во Европа и улогата на Европа во тој контекст.
-Секако значењето на конференцијата и како проследување на темата ќе биде и фактот дека во повеќе од 65 земји во светот, преку 2 милијарди граѓани ќе имаат можност на избори да ја искажат својата волја и секако дека тоа е од посебен интерес за да се обезбедат соодветни демократски предуслови за слободни, фер избори од кои ќе произлегуваат новите институции во соодветните држави – нагласи Џафери.
Тој најави дека на маргините на конференцијата ќе има билатерални средби со повеќе колеги од другите земји.
-Оттука, пораката за соодветна соработка со сите нив и по однос на нашата состојба со документите ќе биде една од темите за која што ќе се разменуваат мислења со колегите со кои ќе ја имам можноста да поразговараме билатерално – нагласи Џафери.