Охриѓанецот Александар Ѓурчев кажа дека не ги омаловажил државните симболи и оти смета дека не треба да биде обвинет пред судот, за време на денешниот претрес во Основниот суд во Охрид, по барањето за покренување постапка против него поради истакнување на знаме со Сонцето од Кутлеш.
Ѓурчев истакнал големо знаме со сонцето од Кутлеш на плоштадот кај Долна Порта во Охрид, на 27 април минатата година, со што е обвинет по член 18 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, бидејќи, како што се посочува во описот на прекршокот, истакнал знаме кое не ги содржи обележјата утврдени со закон.
– Го почитувам знамето кое го истакнав. Тоа беше национално знаме на Македонија извесен период. Знамето кое го истакнав со сонцето на Кутлеш, сведоци сме дека може да го забележиме на разни спортски натпревари и културни манифестации и дека е општо прифатено од голем број жители на државата. Немав намера да ги омаловажам државните симболи и да ја навредам државата. На местото каде го поставив знамето, во близина немаше ниту едно друго знаме, не прекрив ниту едно друго знаме, ниту имаше некакви пароли, натписи и пораки поставени од моја страна. Уште како дете, кога ме носел мојот дедо во црква, го гледав ова знаме и тоа беше присутно насекаде. Јас сум емотивно врзан за тоа знаме и затоа не треба да се наоѓам пред судот, во својство на обвинет – категоричен е Ѓурчев.
Адвокатот Тони Менкиноски, кој беше во својство на бранител на обвинетиот Ѓурчев, во излагањето пред судијата Бојан Мартиноски побара да се обезбеди присуството на поднесувачот на пријавата, со цел да го образложи обвинението.
– Согласно Европската конвенција за човекови права и член 6 од истата, во која стои дека мора да постои еднаквост на оружјата, бараме судот да го обезбеди присуството на поднесувачот на пријавата за да го образложи обвинението – побара Менкиноски.
Судот го одби ова барање, со образложение дека е доволно поднесеното писмено барање и оти постапката ќе се води во рамките на процесните и материјални закони. Бранителот во завршните зборови побара ослободителна пресуда за Ѓурчев.
Во засебен случај пред охридскиот Основен суд, адвокатот Менкиноски е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир поради истакнување на знамето со шеснаесет зраци на 20 јануари минатата година, на празникот Водици, кога охриѓани се собираат на брегот на Охридско Езеро. Во текот на споменатиот настан, знамето беше поставено на остатоците од средновековните ѕидишта во близината на езерото, познати како Долна Порта, кои се сметаат за дел од Самуиловата тврдина.
Менкиноски од Судот бара да донесе ослободителна пресуда, бидејќи на трите досегашни рочишта не се појавил никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш. Според неофицијални информации, се очекува судот да донесе ослободителна пресуда во тој случај. М.Ж.